Во април оваа година, Кина планира да го организира првиот светски полумаратон на кој ќе се натпреваруваат луѓе и хуманоидни роботи.
Хуманоидните роботи, развиени од компании ширум светот, ќе се најдат на улиците покрај 12.000 човечки тркачи. Тие годинава првпат ќе ја истрчаат целата трка. Оваа невообичаена трка е дел од амбициозните напори на Кина да ја направи земјата глобален лидер во вештачката интелигенција и роботиката. Хуманоидните роботи и луѓето ќе учествуваат во трка долга 21 километар, а најдобрите 3 учесници ќе добијат награди.
На полумаратонот ќе учествуваат компании, истражувачки институти, клубови за роботика и универзитети од целиот свет кои развиваат хуманоидни роботи. Клучниот услов е роботите да личат на луѓе и треба да бидат опремени со механичка структура која ќе им овозможи да вршат движења како што се одење или трчање на две нозе, така што верзиите со тркала се исклучени. Исто така, роботите мора да бидат високи помеѓу 0,5 и 2 метри. Учеството е дозволено за целосно автономни хуманоидни роботи, како и за роботите кои далечински се управуваат, а ќе биде дозволена и замена на батеријата во текот на трката.
Кина ги гледа хуманоидните роботи како стратешки сектор за нејзиниот економски раст и технолошката независност. Покрај тоа, хуманоидните роботи се појавуваат како решение за сè постарата кинеска популација и намалената работна сила. Минатата година беа користени роботи во производствен погон на компанијата „BYD“, која меѓу другото произведува и електрични автомобили.
Кина, исто така, се повеќе се потпира на роботите за да им пружи поддршка на старите лица, вклучувајќи грижа, емоционална поддршка, следење на здравјето и помош во домаќинството.
До 2030 година, кинеската роботска индустрија би можела да достигне вредност од 54,6 милијарди долари.