Мицкоски на економски и политички средби во Вашингтон: „Се лобира за интересите и напредок на државата“, велат од Владата

Макфакс

21/01/2025

14:35

342

Големина на фонт

а а а

Во текот на вчерашниот ден, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, присуствуваше на дел од инаугурациските активности на новиот претседател на САД кои се оддржаа во Вашингтон.

Тој оствари средба и со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Ватли со кого го проследија поздравниот говор на американскиот претседател Доналд Трамп.

Меѓудругото престојот во Вашингтон беше искористен и за бројни средби каде се лобираше за македонските интереси, соопштија од владината прес-служба.

Премиерот Мицкоски на свеченоста „Гласови на слободата“ организирана од компаниите „Трамп медиа“ и „Рамбл“, која се одржа по инаугурацијата, оствари средба со Ден Бонџино, еден од најблиските соработници на Претседателот Трамп и најпознат политички десничарски коментатор.

„Разговор во кој зборувавме за Македонија, нашите предизвици, но и можности. Нашите аргументи и позиции се јасни и нашето стратешко партнерство со САД и администрацијата на Претседателот Трамп се силни. Се бориме дома за повисоки плати, пензии, нова инфраструктура, подобро здравство, поконкуретно образование, брзо растечка економија итн., но се бориме и во Брисел, Берлин, Париз, Лондон, Вашингтон итн, нашиот глас е се посилен.”, истакна за средбата премиерот на македонската влада, Мицкоски.

Истовремено македонскиот премиер оствари разговор со Ендру Пејкоф, канадски бизнисмен со македонско потекло, основач и Претседател на „Нијагара Ботлинг“, компанија која има годишен приход од околу 4 милијарди американски долари и околу 5000 вработени. Компанијата е основана во 1963 година и денес е најголема компанија на американскиот пазар од оваа област.

„Инвестициите на Нијагара Ботлинг во Македонија се добредојдени. Македонската дијаспора е клучен елемент во системот, нашиот глас и аргументи да бидат појасни и посилни во Светот. Обновуваме но и создаваме нови можности и партнерства со секој што може да помогне државата.”, истакна Мицкоски за средбата.

Претседателот на македонската влада Христијан Мицкоски се сретна и со Џеси Спиро, главен директор во „Тетер“ и одговорен за стратешките односи со владите во Светот. „Тетер“ е најголемата компанија во Светот која менаџира дигитален капитал, крипто валути. Профитот на компанијата во 2023 година е 6,2 милијарди американски долари, а само во првата половина од 2024 година профитот на компанијата е 5,2 милијарди американски долари.

За средбата Мицкоски истакна:

„Разговаравме за крипто пазарот, иднината на крипто валутите и блокчејн технологијата. Секоја инвестијата на „Тетер“ и споделено искуство од најголемите во својата област е добредојдено. Мора да чекориме со големи чекори напред. Предизвиците на иднината не смееме да ги игнорираме.”