Луис Хамилтон е нов возач на Ферари од 1 јануари, а Британецот за прв пат, претпалднево се појави на новото работно место.
Седумкратниот светски шампион во Формула 1 го најави своето доаѓање во Маранело како почеток на нова ера.
„Има неколку денови кои знаете дека ќе ги паметите засекогаш, а денес, мојот прв како возач на Ферари, е еден од тие денови. Имав доволно среќа да постигнам работи во мојата кариера за кои никогаш не мислев дека се можни, но дел од мене отсекогаш сонуваше да се тркам во црвениот болид. Не можам да бидам посреќен што го остварив тој сон денес. Денес започнуваме нова ера во историјата на овој легендарен тим и едвај чекам да видиме каква приказна ќе пишуваме заедно“, напиша Хамилтон на Инстаграм.
Британецот ќе го помине својот прв ден во Маранело запознавајќи се со клучните луѓе, фабриката и тимот, а болидот за 2025 година ќе го тестира на симулатор. До крајот на неделата, Хамилтон ќе тестира на патеката, но првиот црвен болид што ќе го вози ќе биде моделот од 2023 година.
Тоа е последниот модел што на Хамилтон му е дозволено да вози според ограничувањата за тестирање во Ф1.
Хамилтон очекува нешто сосема ново во кариерата бидејќи за прв пат по 18 години во Ф1 ќе вози болид кој не се придвижува од мотор на Мерцедес.
Ферари ќе го претстави болидот од 2025 година на 19 февруари, една недела пред почетокот на официјалното тестирање во Бахреин (26-28 февруари).
Новата сезона во Формула 1 започнува во Австралија на 16. март.