Де Ла Фуенте внимателен пред дуелот со Хрватска: Тоа што се случи со Англија е…

Дерби

06/10/2026

14:18

145

Големина на фонт

а а а

Хрватска и Шпанија вечерва ќе ги одмерат силите во Лигата на нации, натпревар број два меѓу овие селекции во групата со тоа што првата битка им припадна на актуелните светски шампиони со 4-1.

По тој меч во Севилја, Хрватите доживеаа вистинска катастрофа на домашен терен од Англија, најтежок пораз во нивната историја од 7-0. „Коцкестите“ се многу критикувани за тој настап, има луѓе кои веруваат дека ги очекува нов потоп против Шпанија и им се стави статус на аутсајдер за средбата во Сплит.

Сепак шпанскиот селектор Луис Де Ла Фуенте не паѓа во оваа замка, добро знае кој е квалитетот на Хрватска и за резултатот против Англичаните верува дека е само еден лош ден.

-Според мене, Хрватска е фантастична репрезентација, многу квалитетна. Не е случајно што во последните десет години беше една од најважните репрезентации на меѓународната сцена. Финале на Светското првенство, полуфиналето на Светското првенство, финалето на Лигата на нации. Тие имаат одлични играчи.

-Она што се случи пред некој ден беше фудбалски инцидент. Како 7:1 на Светското првенство во Бразил или победите на Шпанија од 6:1 против Германија и Аргентина – такви работи се случуваат еднаш во животот. Тоа во никој случај не е вистинска разлика во квалитетот помеѓу Хрватска и Англија. Тој резултат може да им послужи како дополнителна мотивација. Како спортисти и професионалци, ваквите работи длабоко нè погодуваат, но фудбалот е фудбал. Исто така, навистина сакаме да одиграме одличен меч, да направиме чекор кон понатамошни квалификации и пред сè да продолжиме по патот по кој одевме цело време, -порача Де Ла Фуенте.

Натпреварот на „Пољуд“ е закажан за 20:45 часот.