По натпреварот помеѓу Филаделфија Иглс и Лос Анџелес Рамс се случи сериозен инцидент при кој со повреди се здоби полицаец.
Набрзо по завршувањето на дивизиската рунда од плеј-офот на НФЛ, која „орлите“ ја добија со 28:22 и на тој начин обезбедија премин во финалето на конференцијата на "NFC", пијан возач со своето возило удрил во полициски автомобил во близина на Линколн Фајненшл Филд, каде што тимот од „градот на братската љубов“ ги игра своите натпревари.
Според американските медиуми, лицето зад воланот на автомобилот возело хаотично низ улиците околу стадионот.
Полицајците, кои биле задолжени за обезбедување на натпреварот, го опколиле возилото за да го сопрат, но наместо тоа возачот забрзал и удрил во полициски автомобил.
Полицајка која била во полициското возило се здобила со повреди поради што итно била префрлена во болница, додека возачот е уапсен.
Ова е само почеток на лудилото, бидејќи „орлите“ на домашен терен ќе ги пречекаат Вашингтон Командерс, кои го совладаа фаворизираниот Детроит Лајонс со 45:31.
Во финалето на конференцијата на "AFC" силите ќе ги одмерат Канзас Сити Чифс и Бафало Билс. Чифс го совлада Хјустон Тексанс со 23:14, додека Бафало го совлада Балтимор Рејвенс со 27:25.
Победниците од овие два меча ќе се соочат на 9 февруари во Њу Орлеанс.
Ова е втор инцидент што се случува во Филаделфија за неколку дена, бидејќи на 14 јануари навивач на овој тим навредуваше противничка навивачка во првото коло од плеј-офот што „Иглс“ го играа против Грин Беј Пакерс.