Пари, дрога и оружје се одземени во акцијата во која беше уапсен Штекли, се бара притвор за 10 лица

Макфакс

19/01/2025

14:47

413

Големина на фонт

а а а

Пари, дрога, возила, мобилни телефони и оружје биле одземени во полициската акција за сузбивањето на криминалната крупа во која уапсен беше Раде Трајковски, познат како Штекли.

Според информациите од полицијата, групата броела 14 членови, а била составена од лица од Скопје. Криминалната група подолг период вршела кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога.

„Основаните сомневања се дека организаторот на криминалната група преку нејзините припадници вршел дистрибуција и улична продажба на наркотична дрога директно до корисниците“, велат од МВР.

Извршени биле претреси на 21 локација во Скопје и Гевгелија, а на одземените предмети ќе им биде извршено форензичко вештачење.

Од Обвинителството информираа дека под истрага се сите 14 членови на групата, а приведени се 10 лица за кои се бара притвор.

„Ценејќи ги околностите, поврзаноста на осомничените, како и кривичните дела што им се ставаат на товар, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје достави Предлог за определување на мерка притвор за 10 лица, еден од осомничените е веќе во притвор, а останатите тројца не се достапни на органите на прогонот“, велат од Обвинителството.

Со оглед на тоа дека активностите во врска со оваа акција сѐ уште траат, јавноста навремено ќе биде информирана во текот на наредните денови.