Виенската компанија за јавен превоз Винер Линиен нуди 500 евра месечно на сите оние коишто ќе го заменат својот автомобил со јавниот превоз на три месеци.
Всушност, се работи за научен проект за мобилност на жителите на австриската престолнина, кој поддржан од универзитетот од овој град. Имено, ќе бидат избрани 40 домаќинства кои од мај до јули годинава ќе ги заменат своите автомобили со метро, трамвај, автобуски превоз, електричен тротинет или модел на споделување на автомобилите, а за учество во проектот ќе добиваат по 500 евра месечно.
Со употреба на апликација прецизно ќе се следат нивните движења со јавниот превоз, а дополнителните податоци ќе се добиваат преку анкета.
„Не веруваме дека поседувањето сопствен автомобил е неопходно во градот и сакаме да го докажеме тоа“, рече Александра Рајнагл, извршна директорка на Винер Линиен.
Од 2015 година, во Виена има повеќе годишни билети за јавен превоз отколку автомобили. Силвија Носек, службеничка во виенскиот округ Варинг, рече дека учесниците во споменатиот проект можеби ќе сфатат оти автомобилите повеќе не им се потребни.
„И ќе заштедат многу пари и истовремено ќе создадат простор за дрвја, летни градини итн.“ додаде Носек.
Условите за учество во проектот се регистрирано живеалиште во Виена, возраст од најмалку 21 година, поседување возачка дозвола Б категорија и поседување автомобил. Меѓутоа вработените во Винер Линиен, нема да можат да учествуваат во проектот, пишува австрискиот весник „Heute“.