Орките, познати и како китови убијци, се едни од најмоќните морски предатори на врвот на синџирот на исхрана. Но, дали знаевте дека тие можат и да „зборуваат“? Според „National Geographic“, орките еволуирале за да можат да пливаат до 65 километри дневно. Овие фасцинантни животни имаат најголем мозок меѓу морските цицачи, а се способни дури и да ловат на копно.
Според истражувањето објавено во 2018 година во списанието „Proceedings of the Royal Society B: Biological Sciences“, истражувачите од Германија, Шпанија, Обединетото Кралство и Чиле документирале дека орките можат да го имитираат човечкиот јазик.
Џозеф Кол, професор на Универзитетот во Сент Ендрус и еден од авторите на студијата, објасни дека истражувачите сакале да тестираат колку се флексибилни орките во имитирањето звуци кои никогаш претходно не ги слушнале.
„Мислевме дека најдобар доказ ќе биде да ги изложиме на нешто што не е дел од нивниот вокален репертоар. На пример, зборот „здраво“ дефинитивно не е нешто што орката природно би го изговорила“, изјави Кол за „Гардијан“.
За време на истражувањето, 14-годишната орка по име Вики прво била обучена да ги имитира звуците на нејзиното младенче. Потоа ѝ пуштале звуци на други орки кои никогаш претходно не ги слушнала. Додека на крајот, таа била изложена на човечки зборови како „здраво“, „Ејми“, „ах ха“, „еден, два“ и „чао“.
Како звучи орката која имитира луѓе?
Резултатите беа изненадувачки: Вики можеше брзо да репродуцира некои звуци, па дури и правилно да изговори два човечки зборови при нејзиниот прв обид. Додека некои снимени обиди звучеа малку морничаво, другите беа неверојатно прецизни, оставајќи ги слушателите фасцинирани.
„Ова ме вџаши. Живееме во прекрасен свет полн со неверојатни суштества“, „Смешно и страшно во исто време“, коментираа слушателите.Иако само зборот „здраво“ бил репродуциран повеќе од 50 проценти од времето во следните испитувања, студијата за прв пат обезбедила докази дека орките можат да научат звуци преку имитација.
Дали орките го разбираат значењето на зборовите?
И покрај нивната неверојатна способност за имитација, научниците не нашле докази дека орките го разбираат значењето на зборовите кои ги кажуваат. Професорот Кол објасни: „Иако нивната вокална морфологија е сосема различна од човечката, тие успеваат да произведат звуци кои се неверојатно слични на нашите“.
Тој заклучил дека се потребни понатамошни истражувања, особено со дивите орки, за подобро да се разбере како овие животни учат звуци и ги користат во нивната околина.