Скандалот со распаѓањето на олимписките медали станува сè поголем – „фрчат“ откази поради отровната супстанција

Точка

15/01/2025

19:01

1.580

Големина на фонт

а а а

Помина половина година од Олимписките игри во Париз, а бурата околу скандалот со квалитетот на олимписките медали не стивнува.

Само еден месец по завршувањето на Олимписките игри во Париз, се појавија незадоволни спортисти,чиишто медали почнале да се распаѓаат. Пред еден месец француските пливачи Клемент Секи и Јохан Ндоје Бруард објавија како во моментов изгледаат нивните медали.

Француските пливачи се пошегуваа со виралните фотографии од нивните медали, велејќи дека изгледаат како да се од Игрите од 1924 година, а не од 2024 година.

Скандалот сега доби уште поголеми размери, а париската ковачница, која беше задолжена за производство на медалите, отпушти тројца вработени кои беа одговорни за овој пропуст.

Сменети се индустрискиот директор, директорот на производството и одговорното лице за квалитет, здравје, безбедност и животна средина.

Проблемот настанал затоа што на почетокот планирале да ја користат токсичната супстанција хром триоксид. Првенствено во ковачницата, го користеле во производството на лакови со кој ги бојадисувале медалите, но потоа морале да се откажат од тоа.

Бидејќи хром триоксидот е забранет во Европската унија, организаторите на Олимписките игри во Париз имаа само 15 месеци за да го решат проблемот и да најдат замена за хром триоксидот.

Хром триоксидот главно се користи во процесот на премачкување на металните површини за да се подобри нивната отпорност на корозија. Дејствува како оксидант при различни хемиски реакции, а се користи и во производството на вештачки скапоцени камења.

Меѓутоа, бидејќи е многу токсично, корозивно и канцерогено соединение, неопходно е да се користи заштитна опрема при ракување со него, а во Европската унија е целосно забрането. Луѓето задолжени за производство на олимписки медали очигледно не го знаеја ова, па на крајот мораа да најдат алтернативно решение што доведе до целосно уништени медали.

Париската ковачница доби назад повеќе од 100 медали, а од Меѓународниот олимписки комитет најавија дека сите ќе бидат сменети.