[ФОТО/ВИДЕО] Американците се подготвуваат за враќање на Месечината: Ракетата на Маск носеше Blue Ghost и сонда за истражување пред новата мисија

Точка

15/01/2025

19:07

445

Големина на фонт

а а а

Ракетата „Фалкон 9“ на Маск носи американски робот и јапонска вселенска сонда кои треба да слетаат на Месечината.

Сонди од две приватни компании, американска и јапонска, денеска полетаа кон Месечината со ракетата „СпејсЕкс“, претставувајќи уште еден пример за зголеменото учество на приватни компании во истражувањето на вселената.

Две сонди со научни инструменти беа испратени во вселената со ракетата „Фалкон 9“ од компанијата „СпејсЕкс“ на американскиот милијардер Илон Маск.


Ракетата успешно полета утрово во 1:11 часот по локално време од вселенскиот центар „Кенеди“ на источниот брег на САД.

Таа го носеше вселенскиот робот Blue Ghost, развиен од Firefly Aerospace за американската вселенска агенција НАСА, како и сондата Resilience од јапонската компанија iSpace.

Двете компании се надеваат дека ќе го повторат успехот на американската компанија Intuit Machines, која во почетокот на 2024 година постави сонда на површината на Месечината — првпат приватна компанија да го постигне тоа.

Дотогаш, само неколку земји успеале во овој ризичен подвиг, почнувајќи од Советскиот Сојуз во 1966 година.


Ова е прв обид за слетување на Месечината на Firefly Aerospace и втор обид за iSpace, чие прво слетување во 2023 година заврши со уривање на сондата.

Американскиот вселенски робот Blue Ghost ќе помине околу 45 дена на пат до Месечината, носејќи десет научни инструменти на НАСА.

На сондата Resilience ќе ѝ бидат потребни од четири до пет месеци за да стигне до Месечината, а таа носи ровер, научни инструменти од други компании и модел на куќа направен од шведскиот уметник Микаел Генберг.


Целта, според компанијата iSpace, е да се изведат технолошки демонстрации на различни инструменти на Месечината.

Компанијата се надева дека вториот обид за слетување ќе биде успешен.


На американска страна, НАСА планира да спроведе разни научни истражувања благодарение на Blue Ghost, вклучувајќи проучување на лунарната прашина и одредување на структурата и топлинските својства на внатрешноста на Месечината, изјави Марија Бенкс, научен офицер на агенцијата.


НАСА исто така ќе тестира технологии за подобрување на навигацијата и обработка на лунарната почва за подобро разбирање на Месечината и за подготовка на идните човечки мисии.

САД имаат амбиција наскоро да испратат астронаути на Месечината.


По неколку одложувања, НАСА проценува дека ова би можело да се случи околу средината на 2027 година.

Сè повеќе влади и приватни компании организираат мисии до Месечината, што покажува зголемен интерес за истражувањето на Земјиниот сателит.