Бајден: Втората фаза од договорот меѓу Ирзаел и Хамас води кон траен крај на војната

Макфакс

15/01/2025

20:43

237

Големина на фонт

а а а

Претседателот на САД, Џо Бајден официјално го објави постигнувањето на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и постепеното ослободување на заложниците и палестинските затвореници.

„Ова е многу добро попладне, бидејќи конечно можам да објавам поститнување на прекин на огнот и договор за заложниците меѓу Израел и Хамас по повеќе од 15 месеци конфликт што започна со бруталниот масакр на Хезболах 7-ми октомври“, рече Бајден, погрешно наведувајќи која група го почна нападот на 7 октомври 2023 година, пренесе „Си-ен-ен“.

Тој додаде: „Повеќе од 15 месеци терор за заложниците, нивните семејства, израелскиот народ. Повеќе од 15 месеци страдање на невиниот народ во Газа. Борбите во Газа ќе престанат. И наскоро заложниците ќе се вратат дома кај нивните семејства“.


Претседателот Џо Бајден објасни дека преговорите ќе одат подалеку од привремениот прекин на огнот до втората фаза од договорот што може да вклучи траен крај на војната.

„Во текот на следните шест недели, Израел ќе преговара за втората фаза, што е траен крај на војната. Дозволете ми да повторам: траен крај на војната“, рече Бајден.

„Постојат голем број детали за преговарање, за преминување од првата фаза во втората фаза. Но според планот ако преговорите траат подолго од шест недели, прекинот на огнот ќе продолжи се додека траат преговорите“, додаде тој.

Бајден, исто така, потврди дека Американците ќе бидат дел од ослободувањето на заложници во првата фаза.


Според договорот, Хамас и неговите сојузнички милитантни групи се очекува да ослободат 33 израелски заложници заробени за време на нападите на 7 октомври 2023 година со што почна војната.

За возврат, Израел ќе ослободи стотици палестински затвореници и, според Бајден, „Палестинците исто така можат да се вратат во своите населби во сите области на Газа и ќе започне напливот на хуманитарна помош во Газа“.

Во потенцијалната трета фаза од договорот, телата на убиените заложници ќе бидат вратени на нивните семејства и ќе започне голем план за реконструкција на Газа, рече Бајден.

Прес-конференцијата на Бајден во Белата куќа, придружуван од потпретседателката Камала Харис и државниот секретар Ентони Блинкен, започна додека премиерот на Катар потврдуваше дека е постигнат договор кој ќе стапи во сила в недела, на 19 јануари.