Семејствата на израелските заложници со радост и олеснување ја дочекаа веста за договорот помеѓу Израел и Хамас со кој ќе се ослободат 33 лица кои се држат во заложништво во Газа.
„Сакаме да ја изразиме нашата длабока благодарност до новоизбраниот претседател Трамп, претседателот Бајден, двете администрации и меѓународните посредници што го овозможија тоа“, се вели во соопштението на Форумот за заложници и исчезнати семејства.
„Од ноември 2023 година, со нетрпение го очекуваме овој момент, а сега, по повеќе од 460 дена од држењето на членовите на нашето семејство во тунелите на Хамас, ние сме поблиску од кога било до повторното обединување со нашите најблиски“.
„Ова е значаен чекор напред што нè приближува до враќањето на сите заложници – живите за да заздрават и починатите за достоинствено да бидат погребни. Сепак, длабока вознемиреност и загриженост нè придружуваат во врска со можноста договорот да не биде целосно имплементиран, оставајќи уште заробени заложници. Итно повикуваме на брзи подготовки за да се обезбеди спроведување на сите фази од договорот“, се вели во соопштението.
„Нема да се одмориме додека не го видиме последниот заложник дома“, се додава.
Договорот за прекин на огнот вклучува три фази, од кои во првата се очекува да бидат ослободени 33 израелски заложници. Во следните месеци додека се спроведува првата фаза од договорот, ќе се преговара за втората која би можела да значи ставање целосен крај на војната и ослободување на останатите лица, како и пренесување на смртните останки, во третата фаза, на оние кои го загубија животот во заложништво додека траеа борбите во Газа.