[ВИДЕО] Студенти кои блокираа факултети нападнати синоќа во Белград, неколкумина завршија во болница

Макфакс

14/01/2025

10:37

1.117

Големина на фонт

а а а

Седум студенти, кои во текот на ноќта го блокираа Правниот факултет во Белград, се повредени во три инциденти предизвикани од непознати лица, објавено е на инстаграм профилот „Студенти у блокади“, пренесе Н1.

Како што изјавија, напаѓачите фрлале стаклени и пластични шишиња кон учениците.

„Студентка била турната по скалите и паднала на глава, а потоа заедно со уште пет студенти на Правниот факултет со возило на Брза помош била пренесена во болница за да и биде укажана прва помош“, напишале студентите.

По инцидентот непознати лица пристигнале со возила за да ги тргнат доказите од Правниот факултет, велат студентите. Како што соопштија за Фонет од Итната помош, студентите се здобиле со полесни повреди.

„Според она што го видовме, во делот на работата што ја работиме, тие не се значително повредени. Немаа видливи повреди. Ги имаше вкупно седум“, изјави дежурниот лекар од Итната медицинска помош.

Студентите бараат лицата кои ги нападнале нивните колеги да бидат пронајдени, идентификувани и кривично гонети. На снимката објавена на истиот инстаграм профил се гледа како полицијата апси едно лице осомничено за учество во нападот врз студентите.

„Според информациите што во моментов ги имаме од сведоци, уапсено е само едно лице од наводните шестмина кои учествуваа во вечерашниот напад врз студенти“, напишаа студентите во блокадата на Икс.

Во Србија, студентите блокираа повеќе од 60 факултети на четири државни универзитети, барајќи одговорност за несреќата во Нови Сад, каде на 1 ноември 2024 година се урна настрешница на Железничката станица, при што загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.

Протестите имаат за цел објавување на целосна документација за реконструкција на станицата, идентификација и гонење на напаѓачите на демонстрантите.