Новак Ѓоковиќ (37) од почетокот на годината се наоѓа во Австралија каде се подготвува за Австралија опен и стартот на новата тениска сезона. Српскиот тенисер ќе се бори за 11-та титула на првиот Гренд слем во сезоната и вкупно 25-та титула на најсилните тениски турнири.
Во пресрет на турнирот, магазинот „GQ“ го објавува интервјуто со него, дел по дел. Во првиот дел, Ѓоковиќ се осврна на 2021 година и периодот кој го поминал во имиграциски центар за време на пандемијата на Ковид-19, каде што бил сместен пред да биде депортиран од земјата бидејќи не бил вакциниран. Во вториот дел, тој зборуваше за неговите афинитети кон регионот на поранешна Југославија и луѓето од таму, а откри и дека имал проблеми поради неговата поддршка кон Хрватска.
„Мајка ми е Хрватка. Како да не навивам за Хрватска?
„Отсекогаш сум бил пацифист во мојот пристап и однесување кон сите луѓе и народи во регионот. Порано бевме иста земја. Семејството на мајка ми е хрватско, половина од нив. Таа е родена во Белград, но сите се Хрвати. Семејството на татко ми – тие се од Црна Гора и Косово. Роден сум во Србија, така што секогаш кон сите се однесувам исто“, раскажа Ѓоковиќ.
„Мојот пристап е таков што, ако некогаш сме биле заедно како една нација, имаме толку многу културни сличности, традиционални сличности, јазици – зошто да не се фокусираме на тие работи?, изјави српскиот тенисер.
Американскиот магазин, исто така, истакна дека Ѓоковиќ честопати „преживувал пекол“ и прозивки од неговите сонародници затоа што ги поддржувал хрватските спортски репрезентации, пред сè фудбалската репрезентација во Русија во 2018 година.
„Ме прозиваа, дури и некои високи државни службеници. Но, за мене тоа е прилично едноставно: пред сè, имам семејство од Хрватска. И второ, така се чувствувам во срцето: како да навивам за некој кој е подалечен од мене отколку за некој кој ми е сосед и со кого имам не само семејни врски, туку и толку многу сличности?, додаде Ѓоковиќ.