Премиерот на Гренланд, Муте Егеде, во петокот изјави дека е подготвен да разговара со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој изрази желба за контрола врз арктичкиот остров и побара почитување на неговите аспирации за независност.
Трамп, кој ја презема функцијата на 20 јануари, ја опиша американската контрола врз Гренланд – полуавтономна територија на Данска – како „апсолутна неопходност“. Тој не ја исклучи можноста за употреба на воени или економски средства, вклучително и тарифи против Данска.
На прес-конференција во Копенхаген, на прашањето дали остварил контакт со Трамп, Егеде одговори: „Не, но подготвени сме да разговараме“.
Данската премиерка Мете Фредериксен, која исто така се обрати на прес-конференцијата, изјави дека побарала средба со Трамп, но не очекува тоа да се случи пред неговата инаугурација.
Гренланд, со популација од 57.000 луѓе, беше данска колонија до 1953 година, а сега е самоуправна територија на Данска. Во 2009 година, со референдум, обезбеди право на независност.
САД имаат воена база во северниот дел на оваа стратешки важна територија.
Егеде ги потенцираше стремежите на Гренланд, истакнувајќи:
„Нашата желба е независност – да бидеме свои господари... Тоа е нешто што сите треба да го почитуваат. Но, тоа не значи дека ќе ги прекинеме сите врски и соработки со Данска“, рече тој, додавајќи дека движењето за независност бележи пораст во последните години, како што нагласи и во својот новогодишен говор.
Синот на Трамп ангажирал бездомници на Гренланд за да глумат поддржувачи?
Доналд Трамп Јуниор, синот на новоизбраниот американски претседател, и неговите пријатели наводно регрутирале луѓе на Гренланд да се претставуваат како поддржувачи на Трамп во замена за бесплатен ручек во скап хотел.
Данското радио „ДР“ извести дека добило информации од повеќе извори дека видеа снимени за време на кратка посета на Гренланд прикажуваат бездомници и луѓе кои често се собираат пред локална продавница во близина на хотелот. „Бездомниците и старите лица одеднаш јадеа во ресторан во кој никогаш претходно не биле“, изјави за „ДР“ еден долгогодишен жител на главниот град Нук.