Барселона го надигра Атлетик Билбао и го завери пласманот во финалето на Суперкупот во Џеда, натпреварување кое втората епизода од полуфиналето го има денеска со пресметката меѓу Реал Мадрид и Мајорка.
Каталонците го чекаат својот ривал по вчерашната победа од 2:0, а по крајот на истата, членовите на Барселона добивале прашања за помилувањето кое го доби Винисиус Жуниор од страна на дисциплинците во Шпанија.
Бразилецот во пракса требаше да добие најмалку четири меча суспензија поради тоа што го удри Столе Димитриевски, но дисциплинците ги заобиколија правилата и утврдија дека удирањето со рака не е агресија, туку само одговор на провокаците.
Наместо четири, Винисиус помина со два меча суспензија за инцидентот на „Месталја“, а Ињиго Мартинез не го криеше незадоволството и посочи дека дисциплинците навистина применуваат двојни аршини за различни фудбалери.
– Не ми изгледа праведно како се одредуваат казните во Шпанија. Пред две или три години за многу помала работа од онаа на Винисиус, јас заработив казна од четири меча. Еве сега гледаме дека други играчи минуваат многу полесно, мислам дека треба да зборуваме доста повеќе на оваа тема, – изјави Мартинез.