Мразот се топи на најголемиот остров во светот – што ќе стане уште повреден, а Америка одамна го посакуваше
На прес-конференција во својот имот Мар-а-Лаго во Флорида, новоизбраниот претседател на САД рече дека контролата врз Гренланд и Панамскиот канал е од суштинско значење за американската национална безбедност.
Новинарите го прашаа дали исклучува употреба на војска.
– Не би се обврзал на тоа. Можеби ќе мора да се преземат одредени чекори. Панамскиот канал е од клучно значење за нашата земја... а Гренланд е неопходен за нашата национална безбедност – изјави Трамп, пренесува АП.
Панама го контролира Панамскиот канал повеќе од 25 години. „Гласот на Америка“ потсетува дека панамскиот претседател Хозе Раул Мулино ја отфрли можноста за враќање на контролата на САД.
Најголемиот остров во светот, каде што се наоѓа важна американска база, е автономна територија на Данска, долгогодишен сојузник на САД и членка-основач на НАТО.
Трамп сугерираше дека би вовел царини за Данска ако ја одбие неговата понуда за купување на Гренланд.
Данските власти веќе изјавија дека територијата не е на продажба.
– Не е добро да се користат финансиски притисоци меѓу блиски сојузници и партнери – рече данската премиерка Мете Фредериксен, коментирајќи ги изјавите на Трамп.
По говорот на својот татко, Доналд Трамп помладиот го посети Нук, главниот град на Гренланд, и за CNN изјави дека патувањето било „само за забава.“
– Како љубител на природата, возбуден сум за оваа посета – додаде тој.
Според CNN, патувањето предизвика шпекулации за плановите на неговиот татко за териториите на Арктикот.
Трамп истакна дека контролата врз Гренланд е клучна за американската безбедност. Сепак, експертите веруваат дека тој цели кон природните ресурси, вклучувајќи ретки метали, кои стануваат полесно достапни поради топењето на мразот.
Со своја геостратешка позиција меѓу САД и Европа, Гренланд, со 56.000 жители, долго време бил важен за одбивање потенцијални напади од Русија, објаснува Улрик Прам Гад, виш истражувач во данскиот институт за меѓународни студии.
Американската воена база Питуфик, сместена на островот, е опремена со систем за предупредување за дојдовни проектили.
Историски, интересот на САД за Гренланд не е нов. Во 1867 година, Ендрју Џонсон размислувал за купување на островот, а по Втората светска војна, Хари Труман ѝ понудил на Данска 100 милиони долари за него.
Професорот по геополитика Клаус Додс вели дека стратегиската вредност на Гренланд е голема, а природните ресурси како нафта, гас и ретки метали би можеле да го зголемат интересот на Трамп, особено поради побарувачката во секторите за електрични автомобили и воена опрема.
Во меѓувреме, Кина доминира во глобалното производство на ретки метали и се закани со ограничување на извозот во периодот пред новиот мандат на Трамп.