Пронајдено безживотно тело на 77-годишен маж од Горно Оризари

Макфакс

05/01/2025

16:58

1.167

Големина на фонт

а а а

Безживотното тело на 77-годишниот М.Г. од село Горно Оризари, велешко, вчера беше пронајдено во близина на ТИРЗ-Штип, откако неговото исчезнување беше пријавено од неговиот братучед.

Како што информираа од Министерството за внатрешни работи, во полициската станица Велес вчера во 09:30 часот, У.К. (54) пријавил дека М.Г. го напуштил својот дом. Според пријавата, претходниот ден во 22:00 часот, пријавителот добил повик од пријателот В.С., кој поседува шлеп служба. В.С. му соопштил дека М.Г. го контактирал и му кажал дека неговото возило „Спарк“ со велешки регистарски ознаки излетало во дупка на регионалниот пат Штип-Радовиш.

В.С., заедно со пријавителот и други лица, во текот на ноќта извршиле претраги на споменатиот пат, но не успеале да го пронајдат М.Г.

На 4 јануари, во 12:00 часот, откако во СВР Штип пристигнала пријава од лицето Т.М. дека негов вработен забележал починато лице на коловозот во кругот на ТИРЗ-Штип, полициски службеници од ПС за безбедност во патниот сообраќај Штип, ОКТУПА при СВР Штип и екипа од ИМП Штип излегле на терен.

По извршениот увид од страна на надлежните служби, идентификувано е дека станува збор за исчезнатиот М.Г. Според насоките на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Штип, телото на починатиот е предадено за обдукција со цел утврдување на причините за смртта.