Австриската конзервативна Народна партија (OVP) денеска го избра својот генерален секретар Кристијан Штокер за привремен лидер и наследник на Карл Нехамер, кој поднесе оставка од функцијата канцелар поради неуспехот на преговорите за коалициска влада без екстремната десница.
Неколку часа по почетокот на вонредната средба на раководството на "OVP", австриските медиуми објавија дека лидерската улога привремено ќе ја преземе Штокер (64), пренесува "Reuters".
Нехамер ја објави својата оставка во саботата, само неколку часа откако "OVP" и "SPO" почнаа разговори за формирање влада, по повлекувањето на либералната партија НЕОС од повеќенеделните коалициски преговори со двете партии.
Колапсот на преговорите, водени за да се спречи екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (FPO), која освои најмногу гласови на парламентарните избори во септември минатата година, да дојде на власт, го остава австрискиот претседател Александар ван дер Белен без многу опции.
Се очекува Ван дер Белен да ѝ се обрати на нацијата подоцна денеска.