Швајцарија обработува 70% од светското злато. Повеќе од 2.000 години овој благороден метал ја обликува историјата на алпската конфедерација, претворајќи ја од сиромашна рурална земја во денешен пионер на прецизноста.
Меѓу Алпите се наоѓа земја која се гордее со демократијата, независноста и чоколадото. Сепак, Швајцарија неодамна се соочи со закана по економијата.
Сè започна кога американскиот претседател Доналд Трамп се закани со царини од 39% на сите швајцарски производи.
Потоа група креативни индустријалци отпатуваа во САД со цел да го расположат Трамп, нудејќи му и еден часовник и неколку полуги од споменатиот сјаен метал, пренесува „European Correspondent“. Се чини дека американскиот лидер со задоволство ги прифатил подароците, по што ја намалил царината.
И така, златото уште еднаш ја спаси Швајцарија.

Злато од ледените реки
Пред две илјади години, на подрачјето на Алпите живееле Хелвеќаните, келтско племе. Тие во ледените алпски реки испирале златни грутки, но немале голем успех.
Со текот на годините, долините на денешна Швајцарија, разделени со високи планини, развиле различни дијалекти и обичаи.
Модерна Швајцарија, каква што ја познаваме денес, била основана во 1848 година. Планинските бариери со време биле совладани со тунели, а Швајцарија во 1853 година кај Базел го изградила првиот железнички тунел.
Потоа следувале светските војни кои особено ја погодиле Европа, но Швајцарија сепак можела во одредена мера да биде безгрижна благодарение на својата неутралност.
Тобијас Штрауман, професор по економска историја на Универзитетот во Цирих, објаснува што се случило подоцна: „Стабилна земја привлекува странски инвестиции, вклучувајќи и злато, особено за време на светски конфликти“.
Бегалците што пристигнувале носеле злато, сошиено во поставите на палтата, додека бројни држави испраќале резерви преку граница за да ги зачуваат.

А Швајцарија својата отвореност кон златото можеби ја сфатила и премногу сериозно. Швајцарската народна банка (SNB) не само што складирала злато, туку и активно го купувала, вклучително и од нацистите.
Децении подоцна, владина комисија подетално ги испитала спорните купувања. Се покажало дека SNB купила злато во вредност од 440 милиони долари, од вкупно 580 милиони долари злато што нацистичка Германија го ограбила од окупираните централни банки (што денес вреди 7,25 милијарди евра), при што најмалку 70% било потврдено како украдено.
Оваа процена не го вклучува златото украдено од жртвите на Холокаустот, кое било истопено и измешано во полуги, бидејќи е невозможно да се следи неговото потекло. Иако управниот одбор на SNB уште од самиот почеток бил свесен за потеклото на златото, тоа не ги спречило да го купуваат.
По војната, Швајцарија и понатаму не била особено богата. Сепак, куќите и патиштата останале недопрени. Додека соседите ги обновувале градовите од урнатините и започнувале од нула, Швајцарија продолжила да натрупува злато.
Со толкава количина благороден метал на располагање, се појавила нова можност која барала уште еден голем швајцарски талент – иновациите.
Со иновации до богатство – швајцарскиот рецепт за успех
Суровото злато од рудниците е хаотично, измешано со други метали и нечистотии. Од една тонa, во најдобар случај, може да се издвојат само неколку грама вистинско злато. За да се добијат оние уредни, сјајни полуги, некој мора сето тоа да го раздели.
Во италијанскоговорниот кантон Тичино, неколку компании ја усовршиле таканаречената електролитичка рафинација. Тие земале нечисто злато, го растворале во киселина, а потоа пропуштале струја низ растворот. Јоните на златото се движеле низ течноста и се таложеле на метална плоча. Резултатот било злато со чистота од 99,99%, а понекогаш дури и 99,999%.

Никој друг не можел тоа да го прави толку ефикасно. Како што вели Штрауман: „Швајцарскиот просперитет се темели на високо ниво на иновации уште од индустријализацијата“.
Потоа се вмешала и една среќна околност. Во шеесеттите години на 20 век, италијанската индустрија за накит доживеала процут. Во седумдесеттите и осумдесеттите години Италија станала најголем производител на накит во светот.
На тамошните златари им било потребно чисто злато, но Италија имала државен монопол врз увозот на злато, а високите царини и сложените прописи ја правеле домашната преработка комплицирана.
Меѓутоа, бидејќи веднаш преку границата се наоѓал Тичино, проблемот лесно бил решен. До седумдесеттите години Швајцарија преработувала 70% од светското злато, обезбедувајќи си клучна позиција во светот.
И тоа не е сè. Швајцарија понекогаш двојно профитира од трговијата со злато: Лондон и Њујорк (два големи пазари) користат некомпатибилни стандардни големини на златни полуги (400 унци наспроти 1 килограм), па преработеното злато што се движи меѓу тие пазари мора повторно да се претопи. И тоа, повторно, се случува во Швајцарија.
Поради тоа, оваа алпска земја е најголемиот извозник на злато во светот. Иако нема сопствени рудници, годишно продава злато во вредност од околу 88 милијарди евра – главно во Кина, Индија и Турција. Вториот најголем извозник, ОАЕ, остварува помалку од половина од извозот на Швајцарија.
Сомнително потекло на златото
Но, како што веќе научивме, кога златните полуги се претопуваат и повторно се леат, нема начин да се утврди од каде потекнува златото. Тоа, секако, привлекува сомнителни бизниси.
Во 2014 година Швајцарија за првпат по 1980 година објавила статистика за увоз на злато и нешто не изгледало логично. Земјата увезувала тони злато од Того, мала држава во Западна Африка. Но во Того воопшто нема рудници за злато.
Швајцарската невладина организација за транспарентност „Public Eye“ го следела трагoт сè додека не стигнала до вистинското потекло на металот: Буркина Фасо, друга западноафриканска земја. Во рудниците расфрлани низ таа земја, деца на возраст од само дванаесет години се спуштале во нестабилни окна без никаква заштитна опрема, работејќи смени од дванаесет часа.
Децата сочинувале меѓу 30% и 50% од работната сила, што Меѓународната организација на трудот го означува како „најлоши облици на детски труд“.
Златото од таму патувало до Ломе во Того, потоа до трговецот „MM Multitrade“ во Женева и на крај до рафинеријата за злато Валкамби.
Во 2015 година Валкамби ги негирала сите обвинувања и подоцна ги унапредила своите процедури за утврдување на потеклото. Невладината организација „Swissaid“ во 2020 година повторно укажала на проблеми во снабдувањето; Валкамби ја тужела организацијата за клевета, а судскиот процес сè уште е во тек.
И покрај скандалите, швајцарските регулатори и понатаму главно се потпираат на доброволни стандарди. Увозниците продолжуваат да ја пријавуваат само последната земја на извоз, а не вистинското потекло на рудникот – нешто на што невладините организации инсистираат со години.
Како што заклучува „The European Correspondent“, Швајцарија станала богата благодарение на стабилноста и иновациите, но кога ќе ги видите тие златни полуги, вреди да се запрашате: од каде навистина потекнуваат?














