Какво време нè очекува во 2025 година? Метеоролозите предупредуваат на појава на два опасни феномени

Точка

03/01/2025

20:22

3.492

Големина на фонт

а а а

Според европските научници, изминатата година сигурно ќе биде најтоплата досега, и прва во која просечните глобални температури ја надминаа целта од Парискиот договор од 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските времиња.

Високите температури во 2024 година делумно се предизвикани од климатските услови познати како Ел Нињо, според анализата на податоците на Светската метеоролошка организација, пишува „Euro News“.

Во 2025 година, може да се појави уште еден феномен, познат како Ла Ниња, кој би можел малку да ги намали глобалните температури, што значи дека температурниот рекорд од 2024 година веројатно нема да биде соборен.


И покрај ова, 2025 година веројатно ќе биде меѓу трите најтопли години во историјата, според британската агенција за прогнозирање на времето и климата, „Met Office“. Ел Нињо и Ла Ниња се две спротивни климатски услови во Тихиот Океан кои влијаат на времето ширум светот.

Трговските ветрови во Пацификот обично дуваат од исток кон запад, туркајќи ги топлите површински води кон западниот Пацифик. Ел Нињо се случува кога тие ветрови слабеат или се враќаат назад, што ги прави водите во источниот дел на Пацификот - во близина на брегот на Америка - потопли од нормалното.

За време на периодите на Ла Ниња, трговските ветрови од исток кон запад стануваат посилни, туркајќи ги топлите води понатаму на запад кон бреговите на Австралија и Југоисточна Азија. Потоа ладна вода се издига од длабочините на океанот, што ја прави температурата на површината на морето во просек пониска, особено во Америка.

Епизодите се случуваат во неправилни интервали на секои две до седум години и обично траат од девет до 12 месеци.

И Ел Нињо и Ла Ниња можат да влијаат на времето ширум светот. Иако секоја епизода е различна, Ла Ниња е поврзана со повлажни услови од нормалните во неколку делови на светот, како северна Австралија, југоисточна Африка и северен Бразил. Исто така, може да ја зголеми веројатноста за поплави во некои региони и да предизвика поинтензивна сезона на урагани.


Што предвидуваат научниците за 2025 година?

Светската метеоролошка организација (WMO) посочи дека условите за создавање на феноменот Ла Ниња се појавиле од ноември 2024 година и може да траат до февруари 2025 година, а неговото влијание врз намалувањето на глобалните температури може да биде „слабо и краткотрајно“, според „WMO“.

„Од јуни 2023 година, видовме продолжена низа на исклучителни глобални температури на површината на копното и морето. Дури и ако има краткорочно ладење предизвикано од Ла Ниња, тоа нема да ја промени долгорочната траекторија на зголемување на глобалната температура поради стакленички гасови што ја задржуваат топлината во атмосферата“, рече генералниот секретар на „WMO“, Селесте Сауло.


Всушност, метеоролозите велат дека температурните прогнози за 2025 година се исклучително високи и покрај можноста да се создадат услови за феноменот Ла Ниња.

„Годините како 2025, во кои не доминира Ел Нињо, треба да бидат поладни. Пред девет години беше година на феноменот Ел Нињо и беше најтоплата досега според глобалните температурни рекорди. Сепак, во споредба со нашата прогноза за 2025 година, 2016 година сега изгледа екстремно студена“, вели професорот Адам Скајф, раководител на глобалната прогноза на британската „Met Office“ за 2025 година.


Се чини веројатно дека температурите во 2024 година за прв пат ќе надминат 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските времиња, репер поставена со климатскиот договор од Париз од 2015 година.

Згора на тоа, некои научници велат дека врската помеѓу климатските промени и феномените Ла Ниња и Ел Нињо не е сосема јасна.