[ВИДЕО] Потрес на „Сан Сиро“: Милан му врачи отказ на Фонсека додека тренерот даваше интервјуа!

Дерби

30/12/2024

08:49

1.877

Големина на фонт

а а а

Пауло Фонсека во прв момент не знаеше ништо за својот отказ од Милан и на новинарите им го најавуваше своето патување за Ријад каде ќе се игра италијанскиот Суперкуп, но набрзо после тоа, Португалецот мораше да излегува со нова изјава во јавноста.

Додека ги одработуваше своите должности кон медиумите во Италија, Милан одлучи да му врачи отказ на актуелниот тренер, кој од рано утрово и дефинитивно е веќе екс тренер на „росонерите“.

Турбуленциите на „ерата Фонсека“ во Милан започнаа од самиот старт и уште во воведните месеци од натпреварувачката сезона доби ултиматум, па иако ја надмина првата криза, лошата резултатска серија на крајот од годината резултира со негово заминување.


„Росонерите“ ја затворија 2024-та со реми против Рома на домашен терен (1:1), но формата „топло-ладно“ на тимот очигледно веќе му стана здодевна и на Златан Ибрахимовиќ, кој до овој момент беше најголем заштитник на Португалецот.

При излегување од стадионот неколку минути по полноќ, Фонсека самиот потврдил дека заработил отказ, но тоа го кажал со насмевка на лицето.

– Точно е тоа што се зборува, јас сум надвор од Милан. Таков е животот…. Мојата совест е чиста, направив се што можев, – порачал Фонсека.