Раководството на Реал Мадрид паралелно води почетни или понапредни преговори со агентите на многу квалитетни дефанзивци, со што клубот само ги потврдува очекувањата дека наредниот период ќе ја засили одбраната со неколку фудбалери.
Честите повреди и возраста на дел од дефанзивците наметнаа императив за освежување во оваа линија, а досега со Реал беа поврзувани многу имиња, при што се чини дека најблиску до трансфер е Трент Александер-Арнолд на позицијата десен бек.
Но, дел од шпанските медиуми тврдат дека Реал разговарал со агентите на уште една голема премиерлигашка ѕвезда, односно Вилијам Салиба кој игра одлично во дресот на Арсенал.
Французинот испратил позитивни сигнали преку своите агенти, односно го потврдил интересот да го облече дресот на Реал, па ќе биде вметнат во плановите на шпанскиот великан.
Во моментов проблем е што Арсенал нема лесно да се откаже од играч како Салиба и за таков трансфер би барал околу 100 милиони евра, но Реал знае да биде трпелив и да сочека фудбалерот да се приближи до одработување на својот актуелен договор. Истиот истекува во 2027 година, што значи дека претстојново лето Арсенал ќе мора да преговара за продолжување на соработката, инаку во спротивно цената на Салиба ќе опадне драстично и тој се повеќе ќе се ближи кон статусот на слободен агент.