Откако најавија прославување на 30-годишниот јубилеј во арената „Борис Трајковски“ легедарното трио повторно нè израдува со нешто старо ново од нив.
Имено, тие снимија песна која ја нарекоа „Новогодишна поопштонародна“, а е преработка на нивната стара песна „Новогодишна општонародна“.
Во својот препознатлив стил Васко Тодоров, Бранко Огњановски и Бубо Каров, на нивните фанови им ја честитаа Новата 2025 година.
Новата верзија на познатиот хит ја направи продуцентот Александар Митевски, во чие студио е снимена, а спотот е во продукција на агенцијата „БДГ“.
„Другари и другарки,
Ви посакуваме среќни празници, многу здравје и љубов, со надеж дека животите ќе ни станат подосадни, а нашите скечеви веќе нема да се толку реални … Благодарност за целата поддршка и љубов низ сите невремиња!“, напишаа тие на официјалната фејсбук-страна на К-15.