Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, по презентација на резултатите од работата на МВР, упати охрабрување до припадниците на Министерството за внатрешни работи.
Тој им порача да продолжат да ја спроведуваат правдата насекаде.
„Она што е важна порака е дека никој не треба да биде над законот и Уставот и не смее да биде над законот и Уставот. Поминаа времињата како досега. Треба да се бориме против сите оние корумпирани елементи во општеството и ќе се бориме. Можеби правдата е бавна, но секој оној што мисли дека ја изиграл правдата се лаже, таа на крајот секогаш доаѓа и секогаш победува. Така што јас можам само да ги охрабрам сите оние припадници на Министерството за внатрешни работи дека никому ништо никој не му должи, освен на македонските граѓани и на државата, се разбира“, вели тој и додава:
„Ако некој мисли дека некому е должен и треба да биде привилегиран и да има одредени отстапки, се лаже. Ќе повторам, правдата е бавна, но таа секогаш на крајот победува. Мораме да покажеме и докажеме дека криминалот е неисплатлив и дека сите оние што мислат дека со криминал може да направат нешто се лажат и дека тие ќе бидат одговорни пред законот и пред Уставот. Така што еве уште еднаш да изразам благодарност до министерот, од сите вработени во Министерството за внатрешни работи за сето она што го прават изминатиот период и да ги охрабрам во периодот што следува да продолжат да ја спроведуваат правдата насекаде, на целата територија на Македонија како држава“, вели Мицкоски.