[ФОТО/ВИДЕО] Холанѓаните пронајдоа редок, дрвен чевел стар 500 години

Точка

23/12/2024

20:21

1.041

Големина на фонт

а а а

Холанѓаните се светски познати по нивните дрвени кломпи, но неодамнешното ретко откритие на чевел стар 500 години во градот Алкмар покажа колку и во далечното минато била раширена употребата на такви обувки.

„Чевелот е пронајден во септичка јама во урбана средина. Ова е многу посебно, бидејќи кога станува збор за дрвени чевли секогаш помислувате на фармери кои ги користеле ваквите кломпи за време на нивната работа“, изјави за Ројтерс, археологот Силке Ланге.


„Но, ова всушност беше пронајдено во урбан контекст. Ваков тип на обувки користеле за секојдневна употреба“, додаде Ланге.

Дрвениот чевел бил пронајден во септичка јама откриена минатиот месец за време на изградбата на подземен контејнер за отпад во Алкмар, на околу 30 километри северозападно од Амстердам.

Септичката јама се користела како тоалет и депонирање отпад од околу 1450 до 1558 година, велат археолозите.

Кломпата, со европска големина 36, се проценува дека била направена кон крајот на 15 или почетокот на 16 век.

Тоа е првиот чевел пронајден во Холандија кој бил направен од дрво од бреза и еден од само 44 дрвени чевли пронајдени за време на ископувањата во Холандија и Белгија.