Невил: Само еден тим може да го предизвика Ливерпул во борбата за титулата

Дерби

23/12/2024

11:30

453

Големина на фонт

а а а

Ливерпул му одржа лекција на Тотенхем во средбата од 17. коло во Премиер лигата, средба која требаше да биде дерби, но избраниците на Арне Слот беа на далеку повисоко ниво и едноставно рутински славеа со 6:3.

Клубот од „Енфилд Роуд“ беше сигурен, убедлив и можеше да постигне уште неколку гола во мрежата на Форстер, ама и овој резултат беше сосема доволен за „црвените“ да ја зголема предноста на табелата по киксот на Челси против Евертон. Сега лидерот има четири бода повеќе од „сините“ и натпревар за играње (одложениот со Евертон) што јасно покажува дека во моментов има асполутна контрола и е во пол позиција за пехарот во шампионатот.

- Ливерпул е очигледно најдобриот тим во Премиер лигата во овој момент. Тие се јасни фаворити за титулата. Падот на Манчестер Сити е неверојатен, не сум сигурен дека некој навистина знае како тргна толку лошо, -вели Гери Невил и додава:

- Челси имаше тежок меч со Евертон, но добро им оди и имаат добра сезона. Мислам дека единствениот тим што Ливерпул треба да следи е Арсенал ако може да се крене и да ја намали разликата во март и април. Ама во овој момент Ливерпул е очигледен фаворит. Мислам дека најголемиот ризик за нив се повредите – ако ги загубат Ван Дајк и Салах, тоа ќе им наштети.

- Ван Дајк е како Родри за Ливерпул, сето тоа го држи заедно. Апсолутно е клучно да се одржи во форма. Следуваат големи предизвици, така што не сме ни блиску до точката да можете да му ја дадете титулата на Ливерпул, но тие се во одлична позиција и во овој момент тие се убедливо најдобриот тим во лигата и табелата тоа ни го покажа, - заклучи легендата на Јунајтед.