Мицкоски: Ако Груби бил чист како солза, немало да бега

Макфакс

22/12/2024

14:59

436

Големина на фонт

а а а

Ако Артан Груби бил чист како солза, немало да има потреба да биде бегалец од правдата, туку ќе дојде тука и ќе ја брани својата невиност, порача премиерот Христијан Мицкоски кој не сакаше да шпекулира дали поранешниот вицепремиер се наоѓа во Косово или Албанија.

Тој потенцира дека коалицијата СДСМ и ДУИ беше заштитник не само на политичките криминалци, туку и на вистинските криминалци.

„Пораките кои што ги испраќаат во јавноста во врска со бегството на Груби, не се пораки во насока на одлучна борба против криминалот и корупцијата. Ние за ова алармиравме многу пати во минатото. Оваа коалиција која што функционираше беше навистина голем заштитник, не само на политичките криминалци, туку и на вистинските криминалци“ кажа Мицкоски.

Премиерот вели дека МВР, Бирото за јавна безбедност и СВР Скопје работат во насока на разбивање на една криминална група на подрачјето на градот Скопје, која што години наназад беше недопирлива за овие институции.


„Сведоци сме на една робусна акција на МВР, на Бирото за јавна безбедност и на СВР Скопје, во насока на разбивање на една криминална група на подрачјето на градот, која што години наназад беше недопирлива за овие институции. Но, она кое што го направија овие институции претставува исклучително значајно, затоа што само пред два дена се најдени околу 200 грама експлозив кои се доволни да кренат во воздух која било поголема зграда на Влада, на Парламент“ рече тој.

Најави дека ќе продолжат во битката против сузбивање на криминалните структури, но и на повикување на одговорност на политичките криминалци.

„Со оваа влада граѓаните можат да бидат безбедни. Продолжуваме во нашата одлучна битка против сузбивање на ваков тип на криминални структури, но и на повикување на одговорност на политички криминалци кои што во изминатите седум години ја пустошеа Македонија. Повикувам граѓаните да бидат, мирни, спокојни и да знаат дека оваа Влада буквално води сметка за се она кое што треба да ја гарантира нивната безбедност“, заклучи Мицкоски.