ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се обвинуваат за бегството на Артан Груби

Макфакс

22/12/2024

16:01

493

Големина на фонт

а а а

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ преку соопштенија меѓусебно се обвинуваат кој е виновен за бегството на Груби.

„СДС да и соопштат на јавноста со што толку многу се задолжија кај ДУИ и Груби што и покрај сите факти и докази се уште жестоко го бранат Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Врската помеѓу СДС и Груби не е ништо повеќе од класична шема на системски криминал во кој СДС и ДУИ ги искористиле државните институции и ги претвориле во механизам за заштита на соптвените криминали. И ДУИ и СДС и сите знаат дека Лотарија била перална на пари, а Груби правел милионски криминал но молчеле за да не падне владата, молчеле за да опстане коалицијата и да продолжат со криминалот, корупцијата и тендерите во четири очи. СДС наместо како аматерски сценаристи секојдневно да смислуваат сценарија и приказни за Груби во кој не веруваат ниту малите деца да го повикаат на одговорност. Зоран Заев, Венко Филипче, и Димитар Ковачевски знаеле за криминалот на Груби но го толерирале и не го гонеле, за да купат ден повеќе, и да продолжат со криминалот на штета на граѓаните. После 7 години, позади плаштот на реториката која ја проектираа СДС-ДУИ како „гарант за реформи, прогрес и институционална правичност“ на површина излезе грубата вистина за СДС како свесни соучесници со ДУИ во најбруталниот грабеж на Македонија. Институционалниот хаос кој произлезе од СДС-ДУИ ја доведе Македонија до крајна точка на економска, правна и морална деградација. СДС поради политички конформизам не само што го амнестирале Груби туку и овозможиле континуитет на грабежот. СДС и ДУИ се партнери во криминалот. Груби како десна рака на Ахмети и втор човек во владата на СДС-ДУИ е симбол на аморален субјект толериран од СДС заради личен профит. Бегството на Груби е очајнички обид и признавање на вина за случувањата во Лотарија. Одговорност за целосниот колапс на системот мора да има“, пишува во соопштението на владејачката партија.


Од СДСМ, пак, вратија: „јалови се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да се оправда за бегството на Артан Груби кое е сработено по истото сценарио како и она летото на Блерим Рамадани“.


„Повеќе од јасно е дека границата со Косово не е под контрола на МВР и Тошковски. Уште почудно е што токму полицајци поставени од Тошковски решиле да го пуштат Груби непречено да си оди. ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски сами си ги креираат сценаријата за сомнеж дека тие го пропуштиле Груби да си оди од државата наместо да се соочи со одговорност. Груби мора да биде итно спроведен пред лицето на правдата. Но, денес е нејасно како Тошковски може да биде толку неинформиран и МВР толку слаба институција под негово водство, кога Изет Меџити коалицискиот партнер на Мицкоски знае дека Груби е во Албанија, а Тошковски не? Го праша ли Тошковски Меџити од каде му се информациите? Тошковски веќе одамна е зрел за оставка, премногу скандали се случија без никаква политичка одговорност“, стои во соопштението на СДСМ.