[ВИДЕО] Температурите на Алпите надминуваат 30 степени: Планинарите на Мон Блан во невообичаени услови

Точка

26/06/2026

17:03

727

Големина на фонт

а а а

Во Шамони, во француските Алпи, беше забележан силен топлотен бран со температури кои на околу 1.000 метри надморска височина надминуваа 30°C.

Во областа Егиј ди Миди, во масивот Мон Блан, беа снимени планинари и туристи во невообичаено топли услови за оваа височина. 

„Многу е жешко. Нема мраз, всушност има само снег. За почетници како мене, ова е многу понапорно“, изјавил францускиот планинар Франк Ервје. Експертите и планинарските служби предупредуваат дека ваквите температури на големи надморски височини го забрзуваат топењето на снегот и глечерите, го зголемуваат ризикот од одрони на карпи и ги прават планинските рути поопасни од вообичаено.

„Не е лесно да се оди. Некои водичи одат, но и ним им беше тешко. Од час во час станува сè полошо. Видливо е дека температурата расте и дека оваа пукнатина се отвора. Ова е многу, многу ризично“, изјавил полскиот планинар Патрик Кошчелски.


Топлотните бранови во Алпите во последните години сè почесто влијаат врз стабилноста на ледените подрачја и безбедноста на планинарите.

„Поради силната жештина, дури и во текот на ноќта, снегот повеќе не замрзнува како што треба. Особено овде, на стрмнината на Мон Блан ди Такул, се гледа како ледените гребени полека се распаѓаат, особено во средниот дел. Секако, станува сè поопасно. Мораме да тргнуваме порано и порано да се враќаме во планинарската колиба“, изјавил австрискиот планинар Лео Мосеа.

Подрачјето на масивот Мон Блан, вклучувајќи го и Егиј ди Миди, е една од најпосетуваните алпинистички дестинации во Европа, но и едно од подрачјата што се најизложени на последиците од климатските промени.