Орбан: Одложете ја одлуката за продолжување на санкциите против Русија до инаугурацијата на Трамп

Макфакс

22/12/2024

08:45

398

Големина на фонт

а а а

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на самитот на Европската унија во Брисел изјави дека „се уште треба да размислува“ за продолжување на санкциите против Русија, кои истекуваат на крајот на јануари, објави денеска „Еуроњуз“ на унгарски јазик.

Орбан им порача на другите шефови на држави или влади на самитот во Брисел дека не сака да донесе одлука за продолжување на санкциите против Русија до инаугурацијата на новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, на 20 јануари, потврдија повеќе учесници на самитот во Брисел.

Доколку Унгарија не се согласи на продолжување на санкциите на ЕУ, тие истекуваат на 31 јануари, пренесува Танјуг.

Ова би влијаело на опсежните економски и финансиски санкции против Русија, како и симболични санкции против повеќе од 2.000 поединци и компании, пишува Шпигел.

Меѓу санкционираните од ЕУ, поради рускиот напад на Украина, се водечки руски политичари како претседателот Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, како и многу олигарси како Роман Абрамович.

Трамп постојано тврдеше дека може да стави крај на руската војна против Украина за краток временски период.