Најголеми инспектори за Дурмиши се граѓаните: Секое изигрување на цените пријавете го на бесплатниот број 191

Макфакс

20/12/2024

14:38

206

Големина на фонт

а а а

Во првите шест дена откога стапи во сила новогодишната кошничка со 10 отсто поевтини цени на над 1000 производи, нема трговци кои не ја почитуваат мерката, соопшти денес министерот за економија Бесар Дурмиши. Тој денес излезе на терен заедно со директорот на Државниот пазарен инспекторат.

„Денеска бевме во посета на маркетите ‘Рамстор’ и ‘КАМ’ за да видиме дали се ставени производите, кои беа понудени од самите трговци, производители и дистрибутери, во новогодишната кошничка. Видовме дека се означени со ознаката тие производи кои се ставени во новогодишната кошничка, намалени се цените за 10 % и повеќе. Тоа што ме радува е фактот што за многу краток период бројката на производите стигна повеќе од 1100 производи од 95 трговци кои понудија да бидат производите ставени во новогодишната кошничка во 42 ланци на маркети. Оваа бројка ќе се надополнува и понатаму. Листата е отворена, може да се приклучат и другите трговци“, рече министерот Дурмиши.

Министерот апелира трговците да ја почитуваат мерката до истекот, односно до 15 јануари, на ист начин како што ја почитуваат сега, во првите денови откога стапи во сила оти се работи за нивен предлог, поддржан од Владата.

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) е постојано на терен, но Дурмиши смета дека најважната улога ја имаат граѓаните.

„Најголеми инспектори се граѓаните. Јас од овде ги известувам, ако забележат изигрување на цените да се јават на бесплатниот број 191 или на веб-страницата на Државниот пазарен инспекторат“, повика министерот Дурмиши.

Листата на производи со намалени цени е објавена на веб-страницата на Министерството за економија и труд за лесно да може да се направи споредба.

Директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски вели дека добиле поплаки од граѓаните за зголемени цени, но во маркетите нашле само ситни пропусти.

„Во овие шест дена ДПИ константно е на терен, врши мониторинг како кај ланците маркети така и кај добавувачите, односно производителите. Можам да кажам дека освен ситни забелешки во смисла на соодветно обележување на производите и ситни корекции на цените кај два-три трговски субјекта, во поголеми размери не се забележани неправилности. Можам да заклучам дека трговците, сите чинители на овој процес го почитуваат договореното“, рече директорот Стојкоски.

Пазарните инспектори продолжуваат со засилени контроли на терен, а директорот Стојкоски вели дека постапуваат и по секоја пријава од граѓани.