Евросонг 2025 ќе се одржи во швајцарскиот град Базел, а вчера беа претставени сцената како и визуелниот и аудио идентитет. Логото на 69. натпреварување за песна на Европа го претставија домаќините, швајцарската телевизија „SRG SSR“ и Европската радиодифузна унија (EBU).
Централната тема - слушањето
Инспириран од швајцарската традиција на директна демократија, која се заснова врз слушање и дијалог, уметничкиот директор Артур Дејнев го избра „слушањето“ како централна тема на натпреварувањето Базел 2025 година, нарекувајќи го како „Единството ја обликува љубовта“.
„Ако се слушаме едни со други, ќе ја пронајдеме љубовта“, објасни Дејнев.
Флоријан Видер, кој е задолжен за дизајнирање на евровизиската сцена по осми пат, инспирацијата за Базел ја пронајде во величествените швајцарски планини и јазичната разновидност на земјата.
Рето Периц и Мориц Штадлер, ко-извршни продуценти на натпреварувањето, се воодушевени од непогрешливо швајцарскиот дизајн:
„Со Флоријан Видер имаме сценски дизајнер кој е креативен визионер и кој ја познава Швајцарија како дланка. Тој успеа да создаде „препознатлива сцена“ која засекогаш ќе биде поврзана со Евровизијата во Швајцарија“, велат тие.
Оваа порака ќе биде пренесена и визуелно преку препознатливиот евровизиски знак на срцето, кој го симболизира дијалогот, единството и обединувачката моќ на музиката.
Продажба на билетите
Пријавувањето за билетите е отворено, а се затвора на полноќ во петок на 10 јануари 2025 година. Првиот дел од продажбата започнува во среда на 29 јануари 2025 година, ден по ждрепката за полуфиналето.
Цените на билетите за различните емисии и категории ќе се движат од 40 CHF до 350 CHF, но претходно мора да бидете регистрирани за можете да ги купите.
Историјата на Евровизија во Швајцарија
Швајцарија беше домаќин и победник на првото издание на евровизиското натпреварување во Лугано. Тоа е и единственото натпреварување на кое изведувачите наместо една изведоа две песни.
Лис Асија победи со песната на француски јазик „Refrain“, но не се знае како била оценета нејзината втора песна „Das alte Karussell“ на германски јазик, бидејќи поените никогаш не биле објавени.
Вториот пат кога Швајцарија победи беше во Даблин во 1988 година, кога тогаш релативно непознатата Канаѓанка ја освои круната во тензичното финално гласање. Селин Дион победи со песната „Ne Partez Pas Sans Moi“, со само еден бод повеќе од британскиот претставник Скот Фицџералд.
Третата швајцарска победа дојде дури 36 години подоцна, со победата на Немо на минатогодишниот Евросонг во Малме со песната „The Code“, во која се зборува за прифаќањето на не-бинарниот идентитет.
Евросонг 2025 од – 13 до 17 мај
Термините на натпреварувањето се следни:
Прво полуфинале: вторник, 13 мај во 21:00 часот по средноевропско време
Второ полуфинале: четврток, 15 мај во 21:00 часот по средноевропско време
Големо финале: сабота, 17 мај во 21:00 часот по средноевропско време
Јавното гледање на финалето ќе се одржи на легендарниот фудбалски стадион „St. Jakob Park“ во Базел. Покрај прикажувањето на големото финале, најавена е и обемна забавна програма, чиишто детали ќе бидат соопштени подоцна.
Швајцарија ќе биде домаќин на Евросонгот за прв пат по долго време, и се очекува спектакл кој ќе собере милиони гледачи од целиот свет.