Адел се соочува со тужба – Бразилскиот хит наводно бил инспирација за нејзината песна

Точка

17/12/2024

16:34

715

Големина на фонт

а а а

Бразилски судија ѝ нареди на британската поп-ѕвезда Адел (36) да ја повлече песната „Million Years Ago“ поради обвинувањата за плагијат на бразилскиот композитор Тонињо Жераес. Издавачките куќи на Адел, „Sony Music Entertainment“ и „Universal Music“, се соочуваат со можна казна од 8.000 долари.

Тие бараат глобално запирање на употребата и репродукцијата на песната

Прелиминарната забрана беше издадена од судијата Виктор Торес во петокот во Стопанскиот суд во Рио де Жанеиро, додека судската постапка се очекува да продолжи. Пресудата, објавена од АФП, им наредува на „Sony“ и „Universal Music“ – „веднаш и глобално да ја прекинат употребата, репродукцијата, уредувањето, дистрибуцијата или комерцијализацијата на песната „Million Years Ago“ во која било форма – физичка или дигитална, вклучително и платформите за стриминг“ пренесува „Yahoo Entertainment“.

„Ова е важен момент за бразилската музика, која често служи како инспирација за меѓународните хитови“, изјави Фердимио Трота, адвокатот на Тонињо Жераес. Жераес тврди дека песната на Адел е плагијат на неговиот самба класик „Mulheres“, кој го снимил познатиот бразилски уметник Мартињо да Вила како дел од неговиот успешен албум од 1995 година.

Ова не првата тужба за плагијат

Композиторот бара компензација за изгубените авторски права, 160.000 долари морална отштета и негово признавање како автор на песната. Инаку Адел и нејзините издавачки куќи сè уште не се изјасниле, додека адвокатот Трота нагласува дека оваа забрана може да послужи како предупредување за меѓународните уметници и дискографи да не ја злоупотребуваат бразилската музика.

Потсетуваме, Адел уште во 2015 година беше обвинета за плагијат на песната на починатиот курдско-турски уметник Ахмет Каја. Публиката тогаш забележа голема сличност помеѓу песната „Million Years Ago“ и композицијата која ја објави Каја во 1985 година.