Британскиот премиер изјави денеска дека сојузниците во НАТО мора да ја стават Украина во најсилна можна позиција пред какви било преговори за ставање крај на војната со Русија.
Говорејќи на заедничката прес-конференција со неговиот норвешки колега Јонас Гар Сторе, Стармер рече дека Русија може да ја запре војната денес.
„Важно е да ја ставиме Украина во најсилна можна позиција ако има преговори, па дури и ако нема“, рече Стармер во Берген, во југозападна Норвешка.
Тој додаде дека е време да се удвојат можностите, финансиските обврски и санкциите по повеќе од илјада дена од руската војна против Украина.
Норвешкиот премиер Стора се согласи со Стармер дека војната може „лесно да се заврши“ доколку Русија ја запре и се повлече од окупираните територии.
„Нашиот главен став е дека нема преговори без Украина, а Украина мора да биде таму за да ги дефинира околностите за преговорите. Сепак, тоа е војна со страшни човечки загуби и уништувања што навистина треба да заврши што е можно поскоро“, додаде Сторе.
Сторе, исто така, ја истакна важноста од континуираната поддршка за Украина и ја повтори посветеноста на неговата земја за тоа.
Пред инаугурацијата на 20 јануари на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, гласен критичар на одбранбената поддршка за Украина, многу европски лидери ја нагласуваат потребата оваа помош да продолжи.
Стармер пристигна во Норвешка претходно денеска за да разговара за ново зелено индустриско партнерство со Норвешка.