Доколку не сте слушнале за ФОМО можеби го знаете чувството кое се крие зад него. Овој акроним значи Страв од пропуштање на нешто (Fear of Missing Out) – страв од пропуштање на настан, искуство, информација или одлука кои би можеле да го подобрат вашиот живот.
Ви се случило да сте уморни и поради тоа не ви се оди на планираниот концерт? Меѓутоа, „сите ќе бидат таму“ и ќе зборуваат за тоа! Вашето друштво се собира? Доколку не отидете и вие, ќе разговараат без вас, а вие нема да ги слушнете „новостите“.
Најновите истражувања сугерираат дека во вакви ситуации помалку се работи за стравот од пропуштање на некое искуство, а повеќе за тоа да не се биде со одредени луѓе.
Истражувањето спроведено од Жаклин Ривкин, бихејвиористката од Американскиот универзитет Корнел, покажува дека пропуштањето на социјалните контакти го интензивира „ФОМО“.
„Тоа всушност е опис на анксиозноста која многумина од нас ја чувствуваат кога пропуштаат собири со луѓе кои нѝ се важни. Тоа е она чудно чувство дека луѓето се поврзуваат без нас, дека ние тоа сме го пропуштиле“, изјави Ривкин за поткастот „DW Science Unscripted“.
Пропуштање на луѓето
Акронимот ФОТО постои во интернет заедницата веќе две децении, но подоцна стана пошироко познат.
Овој феномен се користи и во маркетингот – на потрошувачите треба да им се укаже на тоа дека божем пропуштаат многу доколку не купат производ или услуга.
Ривкин и нејзините колеги спроведоа седум експерименти со илјадници учесници. Наместо да го набљудуваат однесувањето на луѓето кога пропуштаат концерт, тие се фокусирале на секојдневните ситуации.
„Бевме заинтересирани за ситуации кога не се пропушта некој голем уникатен настан. Тоа помага да се разбере основната психологија, причината зошто имате „грч“ во стомакот … и навистина се работи за фактот дека се пропушта собир каде луѓето меѓусебно се поврзуваат“, вели Ривкин.
ФОМО исто така може да доведе и до проблеми
„Откривме дека речиси секој може да го доживее ФОМО доколку се работи за група луѓе кои им се важни“, вели таа.
Во последната деценија сè повеќе и повеќе истражувачи се занимаваат со оваа тема. Се верува дека ФОМО може да предизвика нарушувања на спиењето, социјална анксиозност, депресија и пад на перформансите, на пример за време на студиите.
Студијата на Универзитетот Јужен Конектикат пред две години покажа дека ФОМО може да биде фактор поради кој младите почесто консумираат алкохол или користат наркотици.