[ВИДЕО/ФОТО] Девојка од Хаваи, по еден месец, пронајдена жива во Мексико: Таткото се самоуби при потрагата, се појавија нови детали

Макфакс

13/12/2024

11:36

8.217

Големина на фонт

а а а

Хана Кобајаши е пронајдена жива и здрава, соопшти нејзиното семејство. Хана исчезна пред еден месец по летот од Мауи за Лос Анџелес, што предизвика голема потрага по неа. Семејството беше убедено дека таа е киднапирана.

„Исклучително сме благодарни што Хана беше пронајдена жива и здрава“, изјавија сестра ѝ Сиднеј и мајка ѝ Бренди Ји.

„Изминатиот месец беше незамисливо тежок за нашето семејство и љубезно ве молиме за вашата приватност бидејќи одвојуваме време да закрепнеме и да го процесираме сето она што го преживеавме“, додаваат тие.

Изјавата беше објавена на платформата „Икс“ од страна на адвокатката на семејството, Сара Азари. Во соопштението не се наведува каде е пронајдена Кобајаши и како семејството утврдило дека таа е безбедна.

За потсетување, Хана Кобајаши се сметаше за исчезната три недели откога со авион од Мауи слета во Лос Анџелес, а полицијата во Лос Анџелес пред една недела објави дека Хана доброволно исчезнала.

На прес-конференција, директорот на полицијата, Џим Мекдонел, изјави дека кога Хана слетала во Лос Анџелес, била сама, имала багаж и не изгледала повредено.

„Нејзиното семејство е веќе известено дека добивме снимка од видеонадзор од американско-мексиканскиот граничен премин, на која се гледа како Хана ја преминува границата пеш“, рече тој.

Кобајаши пристигнала на аеродромот во Лос Анџелес на 8 ноември по што требало да се качи на лет за Њујорк, на кој не се појавила, а тоа во полиција го пријавила сестра ѝ.

Семејството немало контакт со 30-годишната Кобајаши од 11 ноември, а четири дена подоцна полицијата објави потрага по исчезнато лице заедно со нејзините фотографии. Во меѓувреме, се појавија фотографии и видеа од Кобајаши снимени меѓу 8 и 11 ноември, на кои таа е видена на разни локации во Лос Анџелес.

Таа исто така беше снимена како го зема својот багаж на аеродромот во Лос Анџелес, кој побара да ѝ биде вратен од Њујорк. Потоа Хана останала во Лос Анџелес додека на крајот не ја преминала границата и не влегла во Мексико на 12 ноември попладне.

Мекдонел рече дека не се пронајдени докази оти била жртва на трговија со луѓе или дека била вклучена во криминални активности и дека има право на својата приватност. Од друга страна, тој нагласи дека ја разбира загриженоста на нејзиното семејство, кое со недели не знаело што се случува со Хана.

Пред да замине од Мауи, Хана изразила желба да побегне од модерната технологија, изјави полициски поручник за „Фокс њуз“. Полицијата ја замолила Хана да стапи во контакт со семејството, кое било информирано за сè што се случило. На тој начин направија сè што можеа, нагласи Мекдонел.

Мекдонел изрази сочувство и за смртта на Рајан Кобајаши, таткото на Хана, кој по тринаесет дена потрага по Хана, изврши самоубиство. Семејството собра повеќе од 47.000 долари преку платформата GoFundMe. Парите на крајот ќе бидат искористени за погребот на татко ѝ.