Русија го нападна Киев – најмалку шест загинати, меѓу нив и шестгодишно дете

Макфакс

31/07/2025

09:11

751

Големина на фонт

а а а

Најмалку шест лица беа убиени, а десетици ранети во руските ракетни и напади со беспилотни летала врз Киев во зори утрово, неколку часа пред клучното гласање во украинскиот парламент – Врховната рада, за укинување на контроверзниот закон против корупција.

„Ноќеска, непријателот го нападна главниот град со ракети и беспилотни летала. Една ракета погоди станбена зграда, од која еден дел беше уништен“, објави министерот за внатрешни работи Игор Клименко на Телеграм, осудувајќи го „најновото воено злосторство“.

Во тој напад беа погодени 27 локации во градот, најмалку шест лица ги загубија животите, а 52 беа ранети, објави шефот на воената администрација на Киев, Тимур Ткаченко.

„Службите за итни случаи досега потврдија шест смртни случаи. Меѓу загинатите има дете, шестгодишно момче“, објави Ткаченко на Телеграм.


Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, објави дека прозорците на педијатриското одделение во болницата биле скршени поради силата на експлозиите, но дека никој не е повреден.

Руските сили ги засилија нападите врз Украина во последните денови, откако американскиот претседател Доналд Трамп му даде рок од 10 дена на својот руски колега Владимир Путин во вторникот да ги прекине нападите под закана од нови санкции.

По последниот бран напади врз украинската престолнина, се очекува членовите на парламентот да гласаат за поништување на законот со кој се укинува независноста на антикорупциските тела и кој наиде на силни критики и отпор од јавноста и Европската Унија. Пратениците ќе го искажат своето мислење за новиот закон, кој им враќа целосна автономија на антикорупциските тела.


Законот донесен на 22 јули, кој подоцна го потпиша претседателот Володимир Зеленски, предвидува ставање на Националната агенција за борба против корупцијата (НАБУ) и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО) под надлежност на Генералниот обвинител, кој го назначува самиот шеф на државата.

Соочен со жестоки критики од граѓанското општество и Европската унија, претседателот Зеленски на крајот предложи нов нацрт-закон за враќање на независноста на двете агенции, за кој Врховната рада ќе гласа денес.


Министерот за надворешни работи Андриј Сибиха доцна во среда објави дека се работи на измена на законот.

„Украина има силно граѓанско општество и активна младина. Тие го искажаа своето мислење, украинските власти ги слушнаа нивните гласови и гласовите на нашите партнери“, рече тој.

Тој оцени дека „прилагодувањата“ се неопходни за да се заштитат антикорупциските тела од политички игри, особено од „руските“.