„Гледајќи ја Вјоса од брегот, ќе сфатите дека можеби никогаш не сте виделе вистинска дива река – без брани, акумулации или бетонски насипи кои би го ограничувале нејзиниот протек. Реките се меѓу најзагрозените живеалишта во Европа, а помалку од 10 проценти од нив слободно течат“, раскажа екологистката Бет Торен за Би-би-си за албанската река која минатата година беше прогласена за прв Национален парк на дива река во Европа.
Клисури и долини
Вјоса тече со должина од 272 километри од грчките планини Пинд до албанскиот брег на Јадранот, минувајќи низ тесни клисури и прекрасни долини. Сино-зелената вода која тече покрај илирските урнатини, античките села и подножјето на планините е дом на повеќе од 1.100 видови животни, вклучувајќи ја и загрозената европска јагула.
Вјоса е повеќе од река; таа е спас за крајбрежните заедници и симбол на албанското наследство и обнова. Нејзините тиркизни води и разновидните екосистеми го поддржуваат дивиот свет, рибарството, земјоделството и екотуризмот. И покрај тоа што реката сега ужива заштитен статус, потенцијалните закани сè уште постојат.
Плановите за браната Каливач, хидроенергетскиот проект на реката, беа отфрлени во 2021 година по јавните протести, но други притисоци и понатаму се закануваат.
Изградбата на меѓународниот аеродром во Валона до лагуната Вјоса-Нарте (клучната станица за птиците преселници) ги загрижи еколозите, како и неодамнешниот закон со кој се дозволуваат луксузни туристички проекти во заштитените подрачја. Големите инвеститори ја разгледуваат делтата на Вјоса за изградба на ексклузивни летни одморалишта, што предизвикува страв од неповратни промени во регионот“, пишува Би-би-си.
Рафтинг и кајак
Вјоса е уживање за љубителите на природата, како и за рафтинг и кајак, а за оние кои сакаат подетално да ја истражат областа, сè почесто станува дел од плановите за истражување.
Жителите кои живеат покрај реката, на брегот нудат сместување и покануваат во рестораните каде што храната се готви од состојки од нивните градини. Доколку ги запрашате, ќе ви кажат дека се грижеле за реката и ја почитувале многу пред таа да биде официјално заштитена – затоа што таа не е само природен феномен туку и културно богатство кое се негува со генерации.