Новиот кум и здравичарот за Бадник во Скопје: Чувството е убаво, возбудата е голема, радоста е уште поголема

Макфакс

12/12/2024

12:47

243

Големина на фонт

а а а

Во организација на Здружението на граѓаните „Одбор за традиционална прослава на Бадник“, во месноста Краста, на падините на Водно, ќе се одржи собир, на кој кумот и здравичарот на Бадник 2025 ќе ги засечат бадниковите гранчиња. Новиот здравичар за 2025 година е Атанас Петков, а новиот кум Радомир Макеларски.

„Наше задоволство е веќе трета година да учествуваме во организација на овој настан. Ги повикуваме сите граѓани на 22 декември на падините на Водно заедно да береме бадникови гранчиња, а потоа на 6 јануари свечено пред Соборниот храм“, рече градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.

„На 22 декември, од 12 часот, ќе почне општонародната граѓанска веселба на јужните падини на Водно. На 6 јануари кај Соборниот храм да го одбележиме овој голем празник на скопското бадникување, веќе сè е спремно и сметаме дека сè што ни е зацртано ќе го реализираме“, посочија од Здружението на граѓанитре „Одбор за традиционална прослава на Бадник“.

„Чувството е убаво, возбудата е голема, радоста е уште поголема“, рече новиот здравичар за 2025 година, Атанас Петков.

Петков е дипломиран архитект, роден 1955 година и живее во Скопје.

„Тоа ќе биде и убава можност за дружење и запознавање со членовите на одборот, кои ги прават завршните подготовки за 33. средба на 6 јануари 2025 година на платото пред Соборниот храм ‘Свети Климент Охридски’. Поканети се и кумовите и здравичарите од изминатите манифестации, што наидоа на општа симпатија и одобрување кај скопјани, како и долгогодишни спонзори и симпатизери на традиционалното скопско бадникување“, информира одборот за традиционална прослава на Бадник во Скопје.