Лионел Меси е најдобар играч на сезоната во МЛС

Точка

06/12/2024

22:04

2.202

Големина на фонт

а а а

Лионел Меси беше прогласен за МВП на МЛС лигата и ја освои наградата именувана по еден од најдобрите американски фудбалери во историјата, Лендон Донован. Ова ја круниса фантастичната сезона во која, како капитен на Интер Мајами, тој го предводеше клубот до титулата „Supporters’ Shield“, која на крајот од регуларниот дел од сезоната ја освојува екипата со најмногу бодови, како и до рекордот на МЛС за бројот на бодови во една сезона (74).

Со 21 гол во 22 настапи, Меси заврши на второто место на листата на најдобри стрелци во МЛС, веднаш зад Кристијан Бентеке кој постигна 23. Покрај тоа, имаше и 11 асистенции, па со 32 директни учества во голови заостануваше само зад Габриел Пец кој беше директно вклучен во 34 гола, од кои шест во плеј-офот. Гледајќи само на регуларниот дел од сезоната, за кој се доделува оваа награда, Аргентинецот беше најефикасен со 30 директни учества во голови, додека Пец имаше 28.

Интер Мајами загуби само еден натпревар од регуларниот дел од сезоната со Меси во составот

Аргентинската икона постигна гол или асистенција на 15 од 19 натпревари во текот на регуларниот дел од сезоната, додека 11 пати постигна повеќе од еден гол. Интер Мајами загуби само еден натпревар од регуларниот дел од сезоната со Меси во составот со 12 победи и шест нерешени, постигнувајќи 2,68 гола на тие натпревари.


Од летото 2023 година и неговото доаѓање во САД, Меси има одиграно вкупно 39 натпревари за Интер Мајами во сите натпреварувања. Постигна 34 гола и забележа 18 асистенции. Минатата сезона со клубот го освои МЛС купот, додека оваа сезона беше елиминиран во првото коло од плејофот на МЛС од Атланта Јунајтед.

37-годишниот Аргентинец ја освои наградата со 38,43% од гласовите пред Чучо Хернандез, кој освои 33,70%. Ниту еден друг фудбалер немал повеќе од 10% од вкупните гласови за наградата МВП.