[ВИДЕО] Фрлени молотови коктели врз синагога во Мелбурн, верниците биле внатре

Макфакс

06/12/2024

08:29

1.385

Големина на фонт

а а а

Синагога во предградието на Мелбурн, Австралија, денеска е запалена додека внатре имало верници, а едно лице е повредено. Пожарот пред зори во синагогата Адас Израел, ги принуди верниците собрани на утринската молитва да побегнат на улица во 4:10 часот.

Оние кои избегале од пожарот велат дека напаѓачите ги искршиле стаклата и фрлиле молотови коктели во синагогата.

Штетата од пожарот е голема, а до 5 часот е изгаснат од екипа од 60 пожарникари и 17 возила, пренесува австралискиот медиум „Ејџ“.

„Недвосмислено го осудувам нападот на синагога во Мелбурн рано утринава“, изјави австралискиот премиер Ентони Албанес. „Имам нулта толеранција за антисемитизмот. Апсолутно нема место за тоа во Австралија“.

Тој додаде: „Луѓето вклучени во овој напад мора да бидат фатени и соочени со целосна сила на законот“.

Бенџамин Клајн, член на управниот одбор на синагогата, за Сиднеј Морнинг Хералд изјави дека според верниците, освен што фрлале молотови коктели и кршеле прозорци, напаѓачите фрлале и запалива течност. Едно лице е повредено поради изгореници на раката, додаде тој.

„Тие слушнаа удирање по вратите и прозорците, а пројде некоја течност која гореше“, рече тој. „Целиот простор брзо се запали“.

Нападот се случи откако австралиската еврејска заедница извести за четирикратно зголемување на антисемитските напади откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година. Физичките напади врз Евреите се зголемија од 11 во претходната година на 65 оваа година.