Прва исповед на американскиот пилот соборен над Иран: „Со скршен ’рбет бегав од иранските сили“

Точка

14/09/2026

19:45

555

Големина на фонт

а а а

Офицерот на военото воздухопловство на САД го опишал „слободниот пад“ кон земјата со оштетен падобран, откако неговиот авион бил соборен над Иран во април, што довело до опасна спасувачка операција.

„Во еден момент, кога погледнав нагоре и не го видов падобранот, тоа беше најстрашното нешто што некогаш сум го видел“, изјавил авијатичарот, чиј идентитет не бил откриен во интервјуто за емисијата „60 Minutes“ на телевизијата „CBS News“.

Прилогот, кој беше емитуван во неделата претставува првпат еден од авијатичарите кои биле вклучени во априлскиот инцидент над Иран јавно да проговори за тешкото искуство низ кое поминал.


Двајцата американски војници се катапултирале од оштетениот авион, по што биле разделени и морале да ги избегнуваат иранските сили додека чекале да бидат спасени од американските специјални сили.

„Слободен пад е добар начин да се опише тоа“, изјавил американскиот авијатичар, кој во прилогот на „CBS“ бил идентификуван под името Браво.

„Не бев фокусиран на брзината со која паѓав. Наместо тоа, бев фокусиран на обидите да ги решам проблемите со кои се соочував и да направам сè што можам за да ги отплеткам или ослободам деловите од падобранот“, рекол тој.

Своето преживување го нарекол „чудо“, иако при падот ги скршил ’рбетот, рамото и раката. Брзината со која удрил во земјата била „некаде меѓу 70 и 100 милји на час (113 до 161 км/ч)“.

Другиот соборен американски авијатичар, идентификуван како Алфа, одбил да даде интервју за „CBS“.

Двоседот Ф-153, вреден 30 милиони долари, бил соборен со проектил истрелан од рамо, чија вредност изнесува околу 100.000 долари, наведува „CBS“.

Браво изјавил дека и покрај повредите, пешачел и се искачил на врвот на висок гребен, цело време стравувајќи од иранските сили.

„Никогаш не дозволувајте недостигот од мотивација да ве одведе на иранска телевизија“, рекол тој.

Алфа бил спасен во рок од шест часа, во операција која вклучувала жестоки борби, како што изјавил американскиот министер за одбрана Пит Хегсет.

„Цело време се водеше вооружена борба, и при влегувањето и при излегувањето. Но, го вратија Алфа“, истакнал Хегсет.


Браво бил спасен по 48 часа поминати зад непријателските линии.

Адмиралот на Централната команда, Бред Купер потврдил дека во еден момент повеќе од 90 припадници на американската војска се наоѓале на терен во Иран, истакнувајќи дека тоа е првпат по 46 години американските сили да дејствуваат на територијата на Иран.

Но, авионите и хеликоптерите потребни за евакуацијата заглавиле во пустинскиот песок и морале да бидат уништени додека специјалните сили чекале резервен спасувачки тим.

Двата уништени американски авиони вределе по околу 100 милиони долари, наведува „CBS“, додавајќи дека и неколку хеликоптери „Little Bird“ морале да бидат уништени за Иран да не дојде до таа технологија.


Операцијата се случила околу пет недели по почетокот на војната против Иран, која ја започнаа САД и Израел. Војната, која трае веќе седум месеци, станува сè понепопуларна меѓу американската јавност, а земјата влегува во предизборна кампања за конгресните избори во ноември.

Голем дел од незадоволството произлегува од наглиот раст на светските цени на енергенсите и последователното поскапување на другите производи. Минатата недела американскиот претседател Доналд Трамп процени дека војната ќе трае најмалку до денот на изборите, 3 ноември.