Осумдесет отсто од играчките увезени во Европската унија доаѓаат од Кина, се вели во извештајот на Евростат објавен денеска.
Минатата година Кина извезла во ЕУ играчки во вредност од 5,2 милијарди евра.
На второ место е Виетнам со удел од шест отсто, кој извезе играчки во Европската унија за 367 милиони евра, а на трето е Велика Британија со удел од два отсто и извозна вредност од 150 милиони евра.
Најголем увозник на играчки во Европската унија лани беше Германија со учество од 18 отсто, потоа Франција со 16 отсто и Холандија со 14 отсто.
Повеќе од половина од извезените играчки од ЕУ во остатокот од светот минатата година биле извезени од Чешка со учество од 29 отсто, Германија 19 отсто и Белгија осум отсто.
Европската унија 30 отсто од извозот на играчки вреден 694 милиони евра пласираше во Велика Британија, потоа Швајцарија со 13 отсто учество и 301 милион евра извоз и Соединетите Американски Држави со 10 отсто и 233 милиони евра извоз.
Комплетните податоци покажуваат дека минатата година Европската унија увезла играчки од остатокот од светот за 6,5 милијарди евра, а во исто време извезла играчки за 2,3 милијарди евра, пренесува Танјуг.