Пјер Емерик Обамејанг беше главна ѕвезда на Арсенал во друштво на Александер Лаказет, но во периодот кога на тимот не му одеше идеално под водство на Микел Артета, напаѓачот од Габон се најде на немилост кај шпанскиот стручњак.
На крајот на 2021-ва година, Обамејанг беше исфрлен од првиот тим на Арсенал поради дисциплински причини и се претвори во голем проблем за Артета, а неполни два месеци подоцна направи трансфер во Барселона, каде исто така не се задржа премногу долго.
Шест месеци по караницата која ја имаше со Артета, напаѓачот се врати во Англија за да го облече дресот на лутиот ривал Челси, па сето тоа направи да биде омаловажуван и исмеван од навивачите на Арсенал.
Три години подоцна, Обамејанг реши да се исповеда за тензичната средба која ја имал со Артета по едно враќање од репрезентативен собир, момент кој иницирал еден голем револт кај Шпанецот кој заврши со заминување на напаѓачот од „Емирејтс“.
– Се вратив малку подоцна од еден собир, а откако тренерот заврши со состанокот, ме зграпчи и целосно лудуваше пред мене. Ми се дереше како да сум луд и ми велеше дека сум му забил нож во грб. Ми велеше дека не сум смеел да го направам тоа поради периодот низ кој минувал тимот.
– Во тој момент решив да не му одговорам, бидејќи знаев дека ќе заврши уште полошо. Не отидов да се забавувам, или нешто слично. Навистина не можев да ги сфатам лекциите кои ми ги држи. Си отидов дома и следниот ден ми се јави докторот на тимот за да ми каже да не доаѓам на тренинг. Не можев да ја разберам таа ситуација, но ми беше јасно дека тоа е крајот. Издржав уште еден месец, Артета ми објаснуваше дека сум покажал лош пример во тимот, а после еден месец си заминав од Арсенал, – открива Обамејанг.