Снежните врнежи во Маврово го покрија срамот со ѓубрето покрај Мавровското Езеро, ама открија една стара наша болка – кој да го чисти снегот на патот околу езерото? Македонија пат? Општина Маврово Ростуше? Концесионерот на зимскито центар? Друга некоја фирмичка блиска до општинските власти…?
Но, вчера и денеска никој. Секој сам, каде се нашол, како се снашол, заглавил или излегол од снежните навеви… сеедно – немаше кој да го чисти снегот. Општинските телефони прегрееја, градоначалникот Медат Куртовски ветува итна интервенција – ама од утре. Во меѓувреме Центарот за управување со кризи јавува за заглавени семејства во Леуново, за заглавени дваесетина возила кои се обидуваат да си заминат за Скопје… Сите бараат некој да го исчисти патот – нема никој. По интервенцијата на полицијата и на ЦУК стигнало едно возило на Македонија пат, ама тоа не е доволно. Чекаат поголема машина – фреза за да го исчистат патот. Нема прецизни информации за точното време кога ќе стигне машината за што надлежните дополнително ќе известеле, пренесува МКД.
Од Општината велат дека имало тендер за чистење на снегот, добила некоја фирма од Гостивар, ама сѐ било запрено затоа што некој се сетил па сега проверувале дали таа фирма воопшто има механизација за чистење снег. Тоа е принципот на работата на општината и со градежните дозволи – прво издаваат дозволи, а потоа никој никогаш не гледа, не премерува што и како е изградено. За капацитетот на инфраструктурата, за водоводната и електричната мрежа веќе никој и не се грижи. Се знае – лето нема вода, зима струја.
А сакаме туризам, сакаме зимски центар, гости по планините… Важно Општината аплицираше за владините пари за локалната самоуправа за пат во Скурдиње, родното село на градоначалникот, а во Маврово знаат само да издаваат дозволи и да собираат пари за комуналии. Тоа вака не се прави градоначалниче Куртовски!
Извор: МКД.МК