Македонската полиција препознаена како силен партнер која секојдневно придонесува кон глобалната безбедност, посочија од МВР

Точка

05/02/2025

19:45

258

Големина на фонт

а а а

На покана на новиот Генерален Секретар на ИНТЕРПОЛ Валдеси Уркиза, делегација од БЈБ, предводена од Директорот Александар Јанев е во прва официјална посета во Лион, Р.Франција.

На средбата со Генералниот Секретар беа дискутирани стратешки и оперативни прашања кои се од особено значење за јакнење и модернизација на капацитетите на македонската полиција, огромниот придонес кој нашата држава во континуитет го пружа кон меѓународната полициска соработка и целокупното функционирање на ИНТЕРПОЛ како глобална полициска организација.

„Од страна на високото раководство на Генералниот Секретаријат на ИНТЕРПОЛ, препознаени сме како кредибилен партнер за соработка, со партиципација во голем број на иницијативи, проекти и оперативни активности на ИНТЕРПОЛ, користење на алатките и сервисите кои се на располагање на нашите полициски служби во борбата против организираниот криминал, тероризмот и компјутерскиот криминал.

Од страна на претставници од ГС на ИНТЕРПОЛ беа презентирани иновациите за полициското работење, активностите на Извршниот Директорат за полициски сервиси во кој спаѓаат борбата против тероризмот, комјутерскиот криминал, организираниот криминал и оперативната поддршка и анализа. Беше реализирана и посета на Командниот и координативниот центар на ИНТЕРПОЛ, кој е надлежен за 24/7 оперативна поддршка на сите 196 држави членки на ИНТЕРПОЛ.

Во текот на посетата, нашата делегација имаше прилика да се запознае со активностите и придонесот на полицискиот службеник од МВР упатен на работа во Генералниот Секретаријат на ИНТЕРПОЛ во Лион.

Со професионален и посветен ангажман, македонската полиција е препознаена како силен партнер која секојдневно придонесува кон глобалната безбедност и безбедноста на нашите граѓани“, велат од МВР.