Откако Светската здравствена организација (СЗО) го класифицираше аспартамот, еден од најкористените вештачки засладувачи, како „можеби канцероген за луѓето“, меѓународната организација Foodwatch, Француската лига против ракот и компанијата Yuka покренаа петиција за негова забрана.
Петицијата беше испратена до Европската комисија и земјите-членки на ЕУ, со барање аспартамот да се отстрани од прехранбените производи.
Претставничката на Foodwatch, Натача Чинготи, истакна дека досегашната неактивност на европските институции и влади е неприфатлива.
Адитив со толку многу потенцијални ризици нема место во нашата храна и пијалоци. Европските носители на одлуки мора да преземат мерки за да нè заштитат – изјави Чинготи.
Според коалицијата, аспартамот се наоѓа во повеќе од 2.500 производи во Европа, главно во пијалоците без шеќер.
Потрошувачите како двигатели на промените
Foodwatch соработува со апликацијата Yuka, која скенира бар-кодови на прехранбени и козметички производи и го проценува нивното влијание врз здравјето.
• Дури 95% од корисниците на Yuka изјавиле дека престанале да купуваат производи што содржат контроверзни адитиви благодарение на апликацијата – изјави Џули Чапон, извршен директор на Yuka.
• Сега сакаме да ги поттикнеме потрошувачите да станат клучен фактор во забраната на овој ризичен додаток. Апликацијата моментално има 45 милиони корисници во Европа.
Повеќето Европејци ја поддржуваат забраната
Според истражувањето спроведено од Foodwatch во седум европски земји, 40% од Европејците редовно консумираат производи со аспартам, при што највисоко ниво на потрошувачка е забележано во Шпанија, Белгија и Холандија.
Во сите испитани земји, мнозинството граѓани поддржуваат забрана на аспартамот додека не се докаже неговата безбедност.
Што велат научниците?
Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC), која е дел од Светската здравствена организација, го класифицираше аспартамот како „можеби канцероген за луѓето“ во јули 2023 година.
Оваа ознака укажува на постоење на ограничени докази што го поврзуваат аспартамот со ракот кај луѓето и животните, особено со ракот на црниот дроб.
IARC препорачува дневната доза на овој вештачки засладувач да не надминува 40 mg на килограм телесна тежина, што би значело околу 12 лименки незасладен пијалок дневно за возрасен со тежина од 70 килограми.