Судири меѓу полицијата и демонстрантите избија во главниот град на Грузија, Тбилиси, поради прекинувањето на преговорите за пристапување на земјата во Европската унија.
Неколку илјади демонстранти се собраа доцна во ноќта пред парламентот, поставувајќи барикади, кршејќи прозорци и палејќи огномети. Во еден момент избувна мал пожар во зградата, најверојатно предизвикан од фрлен огномет. Демонстрантите запалија лик на најбогатиот човек во Грузија и основач на владејачката партија „Грузиски сон,“ Бидзина Иванишвили, пред скалите на парламентот.
Полицијата за немири одговори со водени топови и солзавец, што предизвика хаотични сцени во центарот на Тбилиси.
Овие протести се најголеми откако проруската владејачка партија „Грузиски сон“ повторно победи на изборите минатиот месец, што проевропската опозиција го нарече наместено гласање.
Грузиските медиуми објавија дека протести избувнале и во други градови низ земјата.
Претходно во саботата, премиерот Иракли Кобахиџе ја обвини проевропската опозиција за заговор за револуција. Службата за државна безбедност соопшти дека политички партии се обидуваат насилно да ја урнат власта.
Политичка криза и свртување кон Москва
Грузија, некогаш една од најцврстите прозападни постсоветски држави, сега се соочува со политичка криза, предизвикана од одлуката на „Грузиски сон“ да ги прекине преговорите за влез во ЕУ. Владата ја обвини ЕУ за уцена, што дополнително ги вжешти страстите меѓу проевропските поддржувачи.
Приказната за членството во ЕУ е исклучително популарна во Грузија, која во својот устав наведува дека има за цел да се приклучи на овој блок земји.
Демонстрантката Тина Купреишвили, стоејќи пред парламентот, изјави за Ројтерс:
„Народот на Грузија се обидува да го заштити својот устав, својата земја и својата држава. Му порачуваме на нашиот владин врв дека владеењето на правото значи сè.“
Избори под сомнение
„Грузиски сон“ освои речиси 54% од гласовите на изборите на 26 октомври, додека опозицијата тврди дека гласањето било наместено. И владејачката партија и изборната комисија тврдат дека изборите биле фер, но западните земји повикаа на истрага.
Позицијата на претседателката
Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили, позната како поддржувач на членството во ЕУ и критичар на владата, изјави дека нема да се повлече кога ќе ѝ заврши мандатот следниот месец, бидејќи новиот парламент, според неа, е нелегитимен.
Политичките тензии во земјата растат, додека демонстрациите продолжуваат, отсликувајќи ги долгогодишните поделби во грузиското општество.