Продуцентот на Симпсонови го открива најдоброто „пророштво“ од серијата

Точка

30/11/2024

11:01

4.987

Големина на фонт

а а а

Продуцентот на Симпсонови го откри нивното најдобро „пророштво“ досега, но и она кое допрва треба да се оствари.

Помеѓу обожавателите на Симпсонови веќе некое време владее шегата за „видовитоста“ на серијата. Тие се шегуваат дека Симпсоновите предвиделе голем број настани, вклучувајќи ја и девојката „Hawk Tuah“, трошоците за живот во Велика Британија, па дури и изборите во САД оваа година.

Околу „видовитоста“ на серијата неодамна зборуваше и нејзиниот продуцент, Дејвид Миркин, а како најдобро предвидување го потенцираше моментот кога Симпсоновите „прорекоа“ дека Доналд Трамп ќе стане претседател.

На почетокот на ноември Трамп победи на претседателските избори и стана 47-ми претседател на САД. Миркин тогаш за „Пост“ изјави: „Да, предвидувањето дека Доналд Трамп ќе стане претседател е сè уште едно од нашите најсмешни досега. Мислам дека Лиза како претседател е одлично предвидување и сè уште верувам дека тоа ќе се случи, така што тоа е нешто на кое сите можеме да му се радуваме“.

„Понекогаш се појавуваат патници низ времето“

Уште во далечната 2000 година, во епизодата од 11-та сезона наречена „Барт во иднината“, се споменуваше доаѓањето на Трамп на власт. Во таа епизода, Лиза Симпсон го наследува Трамп на претседателската функција и вели: „Наследивме прилично голем буџетски дефицит од претседателот Трамп“. Пред осум години, Ден Грини, кој ја напиша епизодата, изјави дека шегата била замислена како „предупредување за Америка“.

„Знаете, ова е своевидна тајна која не ја кажувам на сите, но луѓето прашуваат како го правиме тоа, како предвидуваме … Понекогаш во собата за сценаристи се појавуваат патници низ времето, нѝ кажуваат кои нешта да ги вметнеме во серијата за да ги збуниме луѓето и тоа совршено функционира“, се пошегува Миркин.

„Следното предвидување е крајот на светот“

Миркин, исто така, објасни зошто шоуто се занимава со големи теми како што е политиката.

„Секогаш се обидуваме да допреме до сè што е важно. Што било, што е важно за луѓето, постои начин да се пристапи кон тоа со хумор, сочувство, емпатија и неверојатна суровост – сè одеднаш“, вели тој. „Секој секогаш има свои идеи, секој има свое мислење и сите се целосно валидни, освен оние кои не ја сакаат серијата – тие грешат“ вели Миркин.



Во интервјуто, Миркин даде уште едно предвидување, за кое вели дека сè уште не се остварило. „Мислам дека нашето следно предвидување ќе биде крајот на светот, ќе видите – доаѓа наскоро!, додаде Миркин.